Во Германија палат израелски знамиња, претседателот: Омразата кон Евреите нема да биде толерирана

Макфакс

14/05/2021

14:18

1.666

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер остро ги осуди антиизраелските протести во земјата во последните неколку дена, на кои беа извикувани антисемитски пароли и запалени израелски знамиња, што ги натера властите да започнат истрага.

„Омразата кон Евреите, без оглед од кого доаѓа, нема да биде толерирана во нашата земја“, рече Франк-Валтер Штајнмаер во написот за дневниот весник „Билд“.

Тој објасни дека германскиот устав гарантира слобода на изразување и право на протест, но дека овие права не смеат да бидат злоупотребени.

„Кој ќе запали знамиња со Давидовата ѕвезда на нашите улици и извикува антисемитски пароли, не само што ја злоупотребува слободата на протестирање во Германија, туку прави и злосторства што мора да бидат гонети“, рече Штајнмаер.

Во Гелзенкирхен и Хановер во средата вечерта избувнаа насилни протести на кои беа извикувани антисемитски пароли и беа запалени израелски знамиња, а полицијата во последен момент спречи напади врз локалните синагоги.

Демонстрантите носеа знамиња на Турција, Палестина и Тунис.

Полицијата во петокот соопшти дека ги идентификувала водачите на ненајавените протести и дека е покрената истрага.

Претставници на еврејските заедници во Германија повикаа на подобра заштита, а израелскиот амбасадор во Германија, Џереми Исахароф, побара од германските власти да гарантираат за безбедноста на еврејските објекти.

„Со ова ги замолувам германските власти да направат сè за да се постигне безбедноста на еврејските заедници во Германија“, изјави Исахароф за јавниот сервис АРД.

Претседателката на еврејската заедница во Гелзенкирхен, Џудит Наувалд-Тасбах, изјави за весникот Ди Велт“ дека членовите на заедницата се длабоко вознемирени и живеат во страв.

„Како ќерка на родители кои го преживеале холокаустот, не можам да верувам дека вакво нешто повторно е можно“, рече Наувалд-Тасбах.



Спонзорирани линкови

Маркетинг