Пријавените за вакцина преку vakcinacija.mk најдоцна до понеделник ќе добијат термини за вакцинација, рече денес министерот за здравство Венко Филипче.
Тој минатата недела рече дека по направениот пресек на 30 април, сите пријавени ќе добијат термини до 15 мај, а денес го продолжи тој рок до понеделник, односно до 17 мај, но рече дека приоритет ќе имаат повозрасните оти по направениот пресек на крајот на април се пријавиле уште 9.000 лица над 70 години кои дотогаш не биле пријавени.
„До утре или до понеделник сите пријавени ќе добијат термини. Акцентот ќе биде на новопријавените лица над 70 години, за да се заштити прво оваа категорија. Помладите е можно подолго да почекаат. Границата ќе биде 40 години. Тие под 40 години нешто повеќе ќе почекаат“, рече министерот Филипче.
Тој повтори дека на некои пунктови се вакцинирале и дваесетгодишни и триесетгодишни оти била исцрпена бројката на повозрасни граѓани пријавени за вакцина.
„Во некои општини поради помал број постари пријавени граѓани, добиле термини за вакцина и помлади, но еве пак ставаме акцент на повозрасните кои подоцна се пријавиле“, објасни министерот.
Преку системот за вакцинација досега се пријавиле околу 160.000 граѓани.
Денес во земјава треба да пристигнат 40.000 дози од вакцината на „АстраЗенека“ за која се уште важи препораката да не се дава на лица помлади од 60 години, а утре ќе стигнат 100.000 дози од „Синофарм“, донација од кинеската армија.
Во текот на месецов треба да пристигнат и 500.000 дози од кинеската вакцина на „Синовак“.
На денешната прес конференција во изјава за медиуми, министерот за здравство изјави дека смета дека сè уште е рано да не се носат маски на отворено.
Тој истакна дека уште најмалце една недела е потребно време за да се одлучи за понатамошно олабавување на мерките, односно наредниот понеделник кога ќе се направи пресекот на две недели.
Министерот за здравство, Венко Филипче, информираше за состанокот со претходните министри за здравство во врска со проектот за новиот Клинички центар, со цел да споделување на искуство, некои сознанија, перспективи и предизвици со кој што секој се соочувал во својот дел од мандатот, при што заклучиле дека се освен изградба на нов Клинички центар е парцијано решение.
– Прашањето за изградба на нов Клинички се одолговлекува повеќе од 15 години и мислам дека граѓаните заслужуваат конечно тоа прашање се реализира. Постигнавме консезуз дека само изградба на нов Клинички центар, на ново место, и дека само такво решение нуди нов тип на здравствена услуга како што се нуди на секаде во светот – изјави Филипче.
Министерот рече дека однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ е некоректно, дека немаат право да ја кратат таа можност за граѓаните, притоа вели дека може слободно да се разговара на оваа тема, меѓутоа отсуството на дискусијата, блокирањето на законот со 2.000 амандмани кои што не се конструктивни е нешто што смета дека е навистина неоправдано и е злоупотреба на политичката позиција.
– Повторно апелирам да дојдат, да се охрабрат, да разговараме, дали тоа ќе на Комисијата за здравство во Собранието или на јавна дебата која ќе биде огранизирана на крајот на месецот во Собранието и на која ќе учествуваат сите чинители и кои треба да дадат мислење за ова прашање. Сепак сметам дека граѓаните заслужуваат ги знаат фактите, што е тоа што предвидува да има во новиот Клинички центар, што треба има за таа сума на средства и што тоа значи и за следните 50-60 години пред нас во делот на развојот на здравството – истакна Министерот.
Дали има лекарска грешка за смртта на 33-годишната пациентка на која ѝ беше изваден миом од матката ќе утврдува комисија што ќе ја формира министерот за здравство Венко Филипче.
Тој минатата недела најави дека ако има потреба, ќе се направи и стручен надзор на целиот случај, а денес извести дека ќе ја формира комисијата.
„За овој случај инициравме и стручен надзор. Во текот на денов или најдоцна во понеделник ќе се формира комисијата за и тој случај да се расчисти“, рече министерот Филипче.
Вонредниот увид на Државниот санитарен и здравствен инспекторат е се уште во тек. Се прави увид во сите здравствени установи низ кои минала 33-годишната пациентка.
Од Инспекторатот веќе известија дека ја бараат сета документација поврзана со случајот од Клиниката за Гинекологија, каде што била примена и оперирана, од Клиниката за дигестивна хирургија, каде што била препратена и повторно оперирана, од КАРИЛ, каде што била пренесена пред да почине како и од матичниот гинеколог и матичниот лекар.
Семејството на починатата обвини за лекарска грешка откако на Клиниката за дигестивна хирургија откриле дека тенкото црево, на четири места ѝ било продупчено и сошиено откако ѝ бил изваден миом од матката.