Водителката Елен Деџенерис најави крај на емитувањето на своето долгогодишно ток шоу. Шоуто ќе заврши во 2022 година, по 19 сезони на емитување.
„Колку и оваа емисија да е одлична и колку и да е забавна, едноставно повеќе не ми претставува предизвик“, изјавила водителката за „The Hollywood Reporter“.
Веста за завршување на снимањето доаѓа само неколку месеци откако неколку поранешни вработени во тимот на емисијата излегоа во јавност со приказни дека тоа билo „токсично место за работење“.
По ваквите изјави, тројца продуценти ги загубиле своите работни места, а Деџенерис ја отвори тековната сезона со извинување во етер. Шоуто се емитува од 2003 година и е едно од најпопуларните ток шоуа во САД, но и во светот.
„Јас сакав да завршам со шоуто по 16-та сезона. Тоа требаше да биде мојата последна сезона, но сакаа да потпишам договор на уште 4 години. Јас реков дека ќе потпишам на можеби уште една година, но тие не го прифатија тоа, па пронајдовме компромис да бидат 3 години. Знаев дека тоа ќе биде мојата последна сезона“, додала Елен.
63-годишната водителка ги отфрлила тврдењата дека шоуто прекинува со снимање поради разните обвиненија од поранешните вработени.
„Ми се скрши срцето кога дознав дека луѓето кои работат овде чувствуваат нешто друго освен фантастично искуство... Дека на било кој начин биле повредени“, рекла таа.
Според „Hollywood Reporter“, Деџенерис ја обзнанила својата одлука пред вработените во вторникот, а во четврток би требало да ѝ даде интервју на својата колешка Опра Винфри.