Светската здравствена организација требало пред 30-ти јануари 2020-та година да прогласи глобална опасност од коронавирусот и да препорача забрана за патување за да се спречи ширење на ковид-19, е заклучокот на независниот панел кој го истражувал начинот на раководење со пандемијата.
Во извештајот се наведува дека февруари 2020-та година е "изгубен месец", бидејќи многу земји не успеале да воведат строги мерки кои би спречиле понатамошно ширење на вирусот.
Панелот повикал на реформи во организацијата за ваквите пропусти да не се случуваат во иднина.
При претставувањето на извештајот "Ковид-19: Ова нека биде последна пандемија", Елен Џонсон, потпретседателка на панелот рекла дека ситуацијата во која се наоѓаме денес можела да биде спречена.
"Ова е последица од доцнењето во подготовката на одговорот", навела таа.
"На вирусот SARS-CoV-2, кој тргна од Вухан во 2019-та година, му беше овозможено да се развие во страшна пандемија која уби повеќе од 3,4 милиони луѓе и ја уништи светската економија", се наведува во извештајот.