Кинеската ракета „Long March 5b“ која што во текот на викендот неконтролирано падна во Индискиот океан, а претходно го исплаши и загрижи светот, не е ниту првата, а ниту последната која што ќе го направи тоа.
Како што потврдија од Европската вселенска агенција (ESA), таквите настани би можеле да се случуваат и во наредните години.
Имено, Пекинг планира да лансира уште барем десет ракети и тоа до крајот од 2022 година.
Барем две од тие лансирања ќе ги направат со ракета „Long March5b“, онаква каква што во текот на викендот неконтролирано падна на Земјата, пренесува „BisinessInsider“.
„Може да очекуваме слични ситуации и за следните две лансирања или колку и да бидат направени вкупно со ракетата „Long March 5b““, изјавил поранешниот астронаут и координатор за меѓуагенциска соработка во ESA, Томас Рајтер, додавајќи дека тоа не би било добро.
„Секојпат кога ќе лансираат нов модул, ќе мора да погледнеме и да откриеме каде таа ракета ќе падне“, додал тој.
Проблемот е во тоа што кинеската ракета паѓа неконтролирано, па среќа е што овојпат падна во Индискиот океан, а не на некое населено подрачје. Дали така ќе биде и во иднина - тешко е да се каже.
Поради тоа уште попроблематична е одлуката на кинеските власти со другите вселенски агенции да не ги споделуваат техничките податоци за идните лансирања.
„Доколку во иднина нешто не се смени ќе мора внимателно да следиме што прави Кина во вселената за навреме да може да ги предупредиме луѓето за подрачјата на кои што остатоците од ракетата би можеле да паднат“, вели Томас Рајтер.