Вака е турнат Конте од власт: Италијанските медиуми објавиле снимка од состанок на Ренци со таен агент

Точка

04/05/2021

12:27

4.175

Големина на фонт

а а а

Во многу влијателната емисија "Report" на телевизија "RAI", која се занимава со истражувачко новинарство, авторите прикажале видео кое го покажува лидерот на партијата "Италија Вива" и поранешен премиер на Италија Матео Ренци, за време на состанокот со еден од шефовите на италијанската тајна полиција пред ресторан на автопат, пишува весникот "Il Fatto Quotidiano".

Средбата се случила во декември минатата година, во време кога Матео Ренци интензивно работел на туркање од власт на тогашниот премиер Џузепе Конте.

"Тајниот агент 007", како што медиумите го опишуваат еден од шефовите на италијанските тајни служби, Марко Манчини, е познат во јавноста како актер на разни афери, што го подгрева сомнежот и шпекулациите за целите на средбата на сенаторот Ренци и членот на тајните служби надвор од официјалните простории.

Матео Ренци по повод оваа ТВ емисија изјавил дека "поранешниот премиер Конте не е сменет поради интриги, туку затоа што новиот премиер Марио Драги е подобар од него", и ги обвинил авторите на емисијата дека платиле надворешен соработник 45.000 евра за да конструираат случај против него.

Членовите на партијата "Вива Италија" најавиле парламентарна истрага по повод ТВ емисијата.

Авторите на прилогот одлучно ги отфрлиле сите обвиненија, и тврдат дека "се потпираат единствено на гледачите кои плаќаат ТВ претплата".

Лидерот на малите парламентарни партии Матео Ренци кон крајот на минатата година успеал да ја собори тогашната коалициска влада на премиерот Џузепе Конте, чиј член била и неговата партија "Италија Вива".

Видеото кое го покажува Матео Ренци со тајниот агент на паркингот го направила жена која случајно се нашла на самото место.



Спонзорирани линкови

Маркетинг