Пауновски разочаран од Заев: Рамковните сакаат да работат во Пазарен инспекторат, а немаат соодветно образование!

Точка

23/04/2021

13:10

5.994

Големина на фонт

а а а

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски изјави дека е разочаран од премиерот Зоран Заев затоа што не може да најде разбирање за неговата одлука да не вработи 35 неквалификувани „рамковни“ кадри кои се прераспределени во неговиот инспекторат.

„Изјавата на Зоран Заев не ја сфаќам како притисок, само сум малку разочаран што премиерот не ме разбира, иако пратив информација за состојбата во Пазарниот инспекторат. Побарав да ми одговори врз основа на кои критериуми со 247 веќе вработени лица, ни даваат најнесоодветни кадри. За 12 административци со Економски и Правен факултет, нема проблем, ќе ги примиме. Ама другите се со 180 кредити и можат да работат само обична администрација, зашто се детективи или со факултет за криминалистика од факултетот на Рамиз Мерко“, изјави Пауновски за „Слободен Печат“.

Пауновски појасни дека луѓе кои во инспекторатот работат 10 години не може да бидат унапредени поради образованието, а сега требало да прими кадар без соодветно образование за кој инспекторатот дури и нема потреба. Пауновски додаде дека не му е потребна администрација, туку луѓе за на терен, посебно во Источна Македонија.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат порача дека додека не му испратат посебен список само со 12-те административци, тој нема да вработи ниту еден од 35-те кои се прераспределени.

„Нека ги земе некоја друга институција, каде што ќе бидат соодветни според образованието. Велат дека тие сакале да работат во Пазарен инспекторат. И јас сакав пилот да бидам кога бев млад, ама не станав“, изјави Пауновски.




Спонзорирани линкови

Маркетинг