Вакцини од „Фајзер“ секој понеделник, а со кинеската вакцина имунизацијата ќе почне по Велигден, најави Филипче

Макфакс

23/04/2021

11:47

2.515

Големина на фонт

а а а

Министерството за здравство добило листа со распоред по кој ќе стигнуваат во Македонија вакцините на „Фајзер“ следниот месец. Министерот Венко Филипче најави дека како ќе стигнуваат вакцините така ќе бидат распоредувани по пунктовите.

„Добивме листа од ’Фајзер’ со која ни беше презентиран распоред за стигнување на вакцините во мај. Секој понеделник ќе стигнуваат 5-7.000 илјади дози од вакцината. Предвидено е да стигнат 26 илјади вакцини во цел месец“, рече министерот Филипче.

Здравствените власти се подготвуваат за првата позначајна количина вакцини најавена за 28 април. Се очекуваат 200.000 дози од кинеската на „Синофарм“.

„Спремен е планот за дистрибуција на вакцините, веднаш по пристигнувањето. Ги очекуваме на 28 април, а вакцинацијата со нив ќе почне во вторник по Велигден. За кинеската вакцина ќе бидат спремни училишните и спортски сали. Во Охрид е веќе спремна, а до вторник ќе бидат спремни и салите во Битола, Кавадарци, Штип, Куманово и Тетово“, рече министерот Филипче.

За вакцина досега се пријавиле околу 150.000 граѓани, а редоследот за вакцинирање, министерот Филипче нагласи дека ќе биде по старосната граница. Денес во салата „Борис Трајковски“, покрај пратениците, се вакцинираа и лица над 73 години.

Викендов ќе се ослободат неколку одделенија кои сега се ковид-центри

Министерот за здравство, Венко Филипче, посочи дека значајно е намален бројот на прегледи и притисокот за прием на пациенти во сите ковид-центри низ државата.

Епидемиолошката ситуација стивнува, а во текот на викендот одредени одделенија коишто беа адаптирани за прием на ковид-пациенти ќе бидат ослободени, односно ќе се вратат во регуларната рутина, подготвени за прием на пациенти.

„Во однос на епидемиолошката ситуација, во однос на капацитетите на болниците, се бележат трендови на опаѓање на бројот на новодијагностицирани случаи, нешто што е многу значајно. Се намалува бројот на прегледи во сите ковид-центри во сите градови, значајно намален е притисокот за прием на пациенти во болничките установи, има голем број слободни болнички кревети, а ние во рамките на таа прераспределба од денес, односно викендов ќе почнеме и со ослободување на дел од одделенијата коишто беа ангажирани дополнително во овој период да третираат ковид-пациенти“, изјави Филипче.

Тој изрази уверување дека овие трендови ќе продолжат, а на почетокот од следната недела ќе стане збор и за типот на рестриктивни мерки што ќе бидат предложени.



Спонзорирани линкови

Маркетинг