Пратениците се вакцинираат со „Спутник В“, Џафери очекува Собранието во мај да се врати во нормала

Макфакс

23/04/2021

11:22

1.589

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, утрово по почетокот на вакцинацијата на пратениците во салата „Борис Трајковски“ рече дека очекува во втората половина на мај Собранието да се врати на вообичаениот начин на работа.

Можност за вакцина добиле сите пратеници, а дали ќе ја примат зависи од нивната волја.

„Со втората доза од вакцината ќе се овозможи посоодветна работа на Собранието. Очекувам од втората половина на мај да се врати нормалниот начин на работа на Собранието со почитување на процедурите за заштита, дадени од надлежните институции. Викнати се сите пратеници и кажано им е во кој бокс да се јават за вакцина, а дали ќе се јават тоа повеќе не е одговорност на претседателот туку волја на секој поединец. Предвидени се вакцини за сите, кој како ќе одлучи е негова работа“, рече претседателот Џафери.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека пратениците се вакцинираат со руската вакцина „спутник В“.

Заедно со пратениците, денес се вакцинираат и вработените во собраниските служби кои не биле вакцинирани при првата можност што ја добија како критична инфраструктура.

„Иако постоеше можност и препорака пратениците да се вакцинираат со претходно достапната вакцина, донесов одлука дека предност треба да се даде на службениците во Собранието, а потоа да се вакцинираат пратениците“, рече Џафери.

Собранието е во втората фаза за вакцинација, односно приоритетна група за вакцинација како неопходна институција – носител на законодавната власт.

Џафери упати апел до сите граѓани да се пријават за вакцинирање на своите матични доктори, да го почитуваат терминот за вакцинација и секој од нас да придонесе во зголемување на колективниот имунитет во нашата држава, а со тоа и надминување на пандемијата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг