Истражувањето кое е резултат на две студии, се темели на вирусни тестирања на 370 илјади жители на Велика Британија.
Веројатноста за зараза со коронавирус е значително помала после првата доза од вакцината на „Астра Зенека“ или „Фајзер“, покажува британското истражување, пренесува „БиБиСи“. Вакцините делувале подеднакво добро и кај постарите од 75 години и оние кои што имале други здравствени проблеми, заклучија научниците.
Истражувањето на британската Национална статистичка канцеларија и Универзитетот Оксфорд утврдија дека после примањето на двете дози од овие вакцини се создава силен одговор на антитела кај сите старосни групи.
Кај секое вакцинирано лице е пронајдена реакција на вакцината, без оглед на тоа дали лицето ја има примено вакцината на „Астра Зенека“ или „Фајзер“. Истражувањето, кое е резултат на две студии се уште не е официјално објавено и ја нема поминато научната рецензија.
Истражувањето се темели на вирусни тестирања на 370 илјади жители, досега е едно од најголемите и дава увид во дополнителни докази дека вакцините кои ги користи Велика Британија се ефикасни против коронавирусот и ги заштитуваат луѓето кои ги примиле.
Во првата студија било утврдено дека лицата кои што примиле една доза од вакцината на „Астра Зенека“ или „Фајзер“ имале 65% помала веројатност да се заразат со коронавирус. Студијата исто така покажала дека двете вакцини се ефикасни против британската мутација „Б117“.
Втората студија која опфатила 46 илјади возрасни лица кои примиле една доза покажала дека тие имале силен одговор на антитела, што е знак дека вакцината ја стимулира одбраната на организмот за заштита од вирусот во сите старосни групи.