Експерти од ФБИ направија листа од 10-те најреалистично прикажани филмски психопати на сите времиња

Точка

14/04/2021

13:53

2.835

Големина на фонт

а а а

Според заклучокот донесен од страна на универзитетот Оксфорд, еден отсто од луѓето во западното општество се психопати. Иако се чини како мал процент, тоа е едно на 100 лица така што секој од нас веројатно познава барем еден психопат, тврди истражувањето.

Филмскиот свет е полн со психопати, а експертите од ФБИ во склоп на документарецот „Psychopath Night“ прикажан на британскиот „Channel 4“, се согласиле да ги анализираат филмските психопати.

Ова е листата на 10 психопати од филмовите за кои ФБИ смета дека се најубедливи:

10. Норман Бејтс, „Psycho“

Иако благодарение на името на филмот, често на споменување на зборот „психопат“ помислуваме токму на Бејтс, ФБИ аналитичарите не го сметаат за целосен психопат, туку го сместуваат на средина на скалата. Тие сметаат дека Бејтс повеќе покажува класични симптоми на повеќекратно растројство на личноста отколку психопатија.


9. Ханибал Лектор, „The Silence of the Lambs“

Експертите тврдат дека разговорот на детективката Кларис Старлинг со Лектор е точен приказ за разговор со еден психопат. Тие објасниле дека психопатот во разговорот ја презема моќта и се поставува како „предатор“ кој го гледа својот соговорник како плен.

Лукавоста и способноста за манипулација на Лектор го издвојуваат како вистински психопат.


8. Репликантот Леон Ковалски, „Blade Runner“

Начинот на кој се тестираат репликантите во филмот се заснова на вистински список за проценка на психопати, но начинот на кој се одредува емпатијата е различен од тестовите кои ги користи ФБИ. Како и во реалните испитувања, филмот се обидува да ја одреди човечката реакција на емпатија која ја имаат 99 отсто од луѓето. Ковалски паѓа на тој тест.


7. Гордон Геко, „Wall Street“

Геко во филмот постојано истакнува дека „алчноста е добра“, така што до крајот на филмот скоро и ќе поверувате во тоа. Неговиот проповеднички начин е одлична демонстрација на моќта на психопатот. Тука гледаме комбинација од манипулација, грандиозна слика за себе и површен шарм кој се покажува како убиствен.


6. Џејмс Бонд во изведба на Шон Конери

Иако се чини дека не спаѓа на оваа листа, аналитичарите не се согласуваат. Личност која отсекува човечка глава со моторна турбина и потоа се шегува за тоа сигурно не делува како нормална. Иако неговите акции се насочени против криминалци, сепак се очекува некаква човечка емпатија која Бонд не ја покажува.


5. Том Рипли, „The Talented Mr. Ripley“

Многу ставки од списокот на една психопатска личност би можеле да се опишат како девијантни, а тоа е совршен опис на господинот Рипли. Тој е многу шармантен, но зад уредната фризура и испегланата облека се крие злобен ум.


4. Алекс, „A Clockwork Orange“

Адаптацијата на романот на Ентони Бурџис од страна на Стенли Кјубрик се сметаше за вознемирувачка по излегувањето, а некои дури бараа и забрана за нејзино прикажување. Психотичното однесување на Алекс како водач на банда се манифестира преку недостаток на емпатија и постојана потреба за возбуда. Помалку реална е терапијата со која се обидуваат да го излечат.


3. Кевин, „We Need to Talk About Kevin“

Психопатијата е потешко да се докаже кај деца, но во некој облик сепак може да се воочи. Во делот од филмот кој се занимава со младоста на Кевин, гледаме дека тој не покажува никаква блискост со другите луѓе и нема ни трошка каење, што се две клучни карактеристики на психопатите.


2. Џед, „Malice“

Во „Malice“, Алек Болдвин глуми хирург со комплекс на бог, што е, повторно, една од клучните одлики на психопатите. Дрскиот и злобен Џед е совршен приказ за тоа колку лесно може да се прикрие еден психопат. А и покажува и огромна количина на површен шарм.


1. Џокер, „The Dark Knight“

Според експертите на ФБИ, најреалистично прикажан психопат во филмската историја е Џокер.


Веќе во првата сцена на овој филм, Џокер покажува еден куп одлики од списокот за проценка на психопати. Во грабежот што го изведува, тој добива голема доза на возбуда која на психопатите им е потребна, но сосема непотребна за извршување на грабежот.

Џокер не се плаши од ништо, не му пречи да убива и е желен за возбуда.



Спонзорирани линкови

Маркетинг