Адвокатот кој го води случајот на претепаното дете во кочанско, за Точка: „Никој нема право да се изживува врз дете, уште помалку да го снима и објавува“

Точка

13/04/2021

23:17

11.841

Големина на фонт

а а а

13-годишно дете (Д.А.) од Скопје, беше жртва на брутално физичко насилство од страна на жителите на кочанската населба „Трајаново трло“ .

Овој немил настан се случил на 11-ти април, околу 20 часот. За жал, во медиумите не се објави видеото кое кружеше на социјалните мрежи, а во кое се гледа како 13-годишното дете е малтретирано од поголема група на луѓе.

Имено, адвокатот Срџан Амет, кој го води случајот на претепаното дете во кочанско, за Точка открива детали од громорозниот чин.

„Се работи за детенце од дисфункционално семејство, со законски застапник од центарот за социјална работа“, вели Амет за Точка и додава дека детето сега живее во згрижувачко семејство.

Во текот на денешниот ден биле извршени службени разговори со инспектор за малолетници во присуство на адвокатот Срџан Амет и претставници од центарот за социјална работа.

„Утврдена е реалната состојба и што точно се случило таа вечер“, вели адвокатот, кој истакнува дека детето е прегледано и е во добра здравствена состојба.

„Уште од објавувањето на видеото, па сè досега, советникот на премиерот, Елвис Мемети, е вклучен во целокупниот процес. Сите чекори се спроведени. СВР Скопје и СВР Штип и Кочани веќе спроведуваат оперативни дејствија и обезбедуваат докази и утврдување на состојбата“, информира адвокатот кој го води случајот на 13-годишното Ромче претепано во Кочани.

Амет истакнува дека во текот на оваа недела се очекува МВР по комплетирањето на потребната документација да постапи согласно законите и да поднесе соодветни поднесоци до лицата кои го сториле делото.

Адвокатот во текот на оваа недела ќе ги обезбеди сите потреби докази во рамки на неговите овластувања, ќе поднесе кривична пријава до соодветното јавно обвинителство за кривично дело насилство врз дете, согласно Кривичниот законик на РСМ.

„Сите идеали на овој свет не вредат колку солзите на едно дете“, заклучува Амет за Точка.


Ц.Н. 



Спонзорирани линкови

Маркетинг