„Им се извинив и понудив да ја платам казната, но тие започнаа со ударите“: Се огласи момчето кое беше претепано од полицајци во Мостар

Точка

12/04/2021

18:45

8.929

Големина на фонт

а а а

30-годишниот Славен Блажевиќ, кој беше претепан од страна на двајца полицајци во саботата навечер пред зградата во која живее, ангажирал адвокат и ќе покрене приватна тужба.

Блажевиќ за „Pogled.ba“ зборувал за деталите и причините за нападот.

„Бев кај еден пријател во соседната зграда и пешачев кон мојата зграда. На пат кон дома забележав полициско возило како застанува малку подалеку од мене и во тој момент побрзав да влезам во зградата, свесен дека ја прекршив мерката „забрана за движење“ и да избегнам можна казна. Но, полицајците ме стигнаа точно пред зградата“, ја започнал тој својата приказна.

„Понатаму на снимката се гледа што сè се случи. Се извинив што го прекршив полицискиот час, се понудив да ја платам казната, но тие започнаа со удари. Потоа ме одведоа во полициска станица. Во полициското возило во неколку наврати им напоменав дека не се чувствувам добро. Во полициската станица, тие напишаа прекршочен налог на кој стои дека сум ја прекршил забраната за движење од 21 до 5 часот наутро, никаде не беа споменати повредите. Откако го напишаа прекршочниот налог, ме пуштија да си одам дома пеш“, изјавил Славен.

На прашањето дали побарал да биде одведен во болница поради повредите, тој одговорил потврдно.

„Тие само ми рекоа да си одам дома. Ми беше дозволено да шетам низ градот и на тој начин повторно го кршев полицискиот час, свесен дека некој може да ме запре и повторно да ме легитимира. Потоа отидов на итен преглед, сам, бидејќи не се чувствував добро. Дури, додека одев кон дома, неколку пати повраќав“.

Блажевиќ вели дека на прегледот му биле евидентирани повреди на главата и удари по телото и вели дека ангажирал адвокат, односно планира да покрене приватна тужба против двајцата полицајци.

По повод ваквиот инцидент, се огласија и од тамошното министерство за внатрешни работи, најстрого осудувајќи го бруталниот напад на полицајците кој се случил во 23 часот на 10-ти април и за кој нема оправдување.

„Станува збор за класичен пример за пречекорување на овластувањата и полицискиот кодекс поради што длабоко ѝ се извинуваме на целата јавност, а особено на младото момче“, се наведува во соопштението.

Двајцата полицајци веднаш биле отстранети од должноста, а покрената е и внатрешна истрага за целиот случај.



Спонзорирани линкови

Маркетинг