Навални го губи чувството во рацете и нозете, вели неговиот адвокат

Макфакс

08/04/2021

10:21

1.964

Големина на фонт

а а а

Здравствената состојба на затворениот Алексеј Навални, главниот критичар на рускиот претседател Владимир Путин, се влошува и тој почна да го губи чувството во рацете и нозете, тврди неговиот адвокат.

Вадим Кобзев вели дека кај Навални биле дијагностицирани две хернии на ‘рбетниот столб.

Минатата недела Навални штрајкуваше со глад барајќи соодветен третман за проблемот со болките во грбот и нозете.

„Алексеј оди сам, но чувствува болка додека оди. Многу е загрижувачки што болеста очигледно напредува, па тој почна да го губи чувството на нозете, глуждовите и дланките“, напиша Кобзев на „Твитер“.

На почетокот на оваа недела четириесет и четиригодишниот Навални беше пренесен на болничкото одделение во затворот, со симптоми на респираторна инфекција. Потоа се пожали на постојана кашлица и треска. Сепак, неговата телесна температура падна од 39 на 37 степени Целзиусови, рече адвокатот.

Тој исто така тврди дека Навални губи околу еден килограм телесна тежина на ден поради штрајкот со глад.

Во објава на Инстаграм, Навални рече дека затворските службеници се обидуваат да ги поткопаат неговите штрајкувачки напори оставајќи слатки и пилешко во негова близина.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден смета дека затворањето на Навални е „политички мотивиран чин и голема неправда“. САД ги повикаа руските власти да го ослободат Навални.

Претходно, Амнести интернешнл, организација за човекови права, рече дека условите во кои бил задржан Навални може да се сметаат за тортура и дека властите полека се обидуваат да го убијат.

Тие тврдат дека затворот е познат по многу лоши услови од порано.

Минатата недела надлежните затворски институции во Русија ги отфрлија обвинувањата на Навални за несоодветен третман, со образложение дека тој „ја има целата неопходна медицинска нега во согласност со неговата здравствена состојба“.

Во понеделникот Навални рече дека тројца затвореници од блокот во кој е однесен биле пренесени во болница со симптоми на туберкулоза, што властите ги негираа.

Навални беше осуден на условна затворска казна во 2014 година за финансиски проневери, а критичарите на Путин тврдеа дека станува збор за политички мотивиран процес.

Условната казна беше активирана во февруари годинава, кога Навални се врати од Германија, каде се лекуваше за труење со „новичок“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг