(Видео) Николоски: Црногорски атентатор и водач на наркокартел од Албанија добиле македонски пасоши од МВР

Макфакс

07/04/2021

14:06

2.143

Големина на фонт

а а а

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на прес-конференција продолжи да објавува податоци од пасоши, за кои тврди дека се издадени од МВР на лице осомничено за убиство и на водач на наркокартел.

Според Николоски, едниот пасош е издаден во 2019 година, а за другиот не посочи конкретен датум. Тој објасни дека двата пасоша се со лажен идентитет.

„Црногорски атентатор се сликал со македонски пасош, отишол во Украина, извршил атентат, каде што е фатен со македонски пасош. До нас стигнаа нови документи за пасоши на криминални структури, за кои што би сакал да проговориме и да информираме. Поставувам јавно прашање, дали македонски пасош издаден од МВР имал и водачот на познат наркокартел од Албанија? МВР во регуларна постапка, на 17 јули 2019 година му издала македонски пасош со број ‘Ц1265083’ и на шефот на наркоклан од Албанија, Флоријан Мусај, со позајмен идентитет Наум Фило, роден на 22 јануари 1986 година. Медиумите нека истражат кој е човекот и што претставува. Само неколку информации, Мусај станува познат во 2018 година кога против неговиот наркокартел во меѓународна соработка помеѓу полициските служби на Германија, Италија, Холандија и Албанија се откриени 91 килограм кокаин, во вредност од 20 милиони евра и огромна дилерски структура низ сите овие држави. Според информациите кои ги добивме, по добивањето на пасошот во 2019 година, Мусај непречено патува низ повеќе европски државни, за во октомври 2019 година пристигне во Јужна Америка. Мусај користијеќи го македонскиот пасош со позајмен идентитет на име Наум Фило, најверојатно патувал низ повеќе држави на Европа и Јужна Америка“, кажа Николоски.

Според него, МВР нема потерница по ниту еден од мафијашките босови кои имаат лажни македонски пасоши.

Тој прашува: „Зошто МВР не проверува какви банкарски сметки имаат овие луѓе во земјава, дали се переле пари од нив, зошто не се повикани на разговор луѓе од власта кои се сликаа со овие наркобосови?“.

„Втората индиција која ја имаме е дека македонски пасош поседува Стефан Џукиќ, кој е осомничен за обид за убиство, на еден од водачите на така наречениот кавачки клан. Обидот за убиство се случил во Киев, Украина, а името е Радовоје Звицер. Стефан Џукуќ имал македонски пасош на име Каче Герги. Значи човек кој медиумите го ословуваат како платен убиец на кавачкиот клан, имал македонски пасош издаден од МВР. Прашањето е зошто овие пасоши, дел издадени уште во 2017 година, се премолчувани сѐ до отворање на аферата од ВМРО-ДПМНЕ“, рече Николоски.

Единствениот контакт на Мицкоски со вмешан во аферата „Мафија“ беше со Зоран Заев на лидерската

На денешната прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во однос на обвинувањата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за наводни контакти на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со некој од приведените во вчерашната акција „Мафија“ истакна дека СДСМ изминатиот период пласира лажни вести со цел да ја дефокусира јавноста, а единствен контакт на Мицкоски изминатиот период е со Зоран Заев на лидерската среда.

„Ова се смешни работи, СДСМ неколку дена со ред пласира целосни лажни вести класичен фејк њуз, ги растура пердувите со цел на тој начин да ја скрие сопствената одговорност мислејќи дека ќе ја дефокусира јавноста. Единствен со кого претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, имал контакт изминатиов период, а којшто можеби е поврзан со овие работи е Зоран Заев, ако Оливер Спасовски мисли на Зоран Заев, да, имаа контакт, видовме сите имаше лидерска средба“, рече Николоски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг