Заев го означи стартот на изградбата на новиот градски пазар во Велес

Макфакс

03/04/2021

15:17

1.072

Големина на фонт

а а а

Премиерот Зоран Заев, денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод стартoт на работите на новиот градски пазар во Велес.

Градежната парцела опфаќа вкупно речиси 4.200 квадратни метри, од кои 2.300 квадратни метри површина е наменета за продажба на производи.

„Новиот градски пазар се гради според најсовремени стандарди и конечно после неколку децении, велешани ќе добијат современ пазар каде земјоделците и трговците ќе имаат соодветни и нормални услови за продажба на своите производи“, нагласи премиерот.

Проектот е еден од оние кои се остваруваат од соработката меѓу Владата и општините.

„За реализација на овој проект обезбедени се финансиски средства во висина од 86 милиони денари и тоа 40 милиони денари Општина Велес ги обезбеди преку Владата од ставката за капитални дотации на единиците на локалната самоуправа, а останатите 46 милиони денари како заем од Светска банка преку Програмата за подобрување на општинските услуги“, посочи Заев.

Дополнително, се очекува финансиска поддршка во висина од 15 милиони денари и преку Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, што треба да ги обезбеди Бирото за регионален развој.

Заев нагласи дека новиот објект ќе го врати животот на левата страна на градот и ќе поттикне развој и на нови урбани содржини од интерес на граѓаните.

На настанот покрај премиерот, присуствуваа и велешкиот градоначалник Аце Коцевски, вицепремиерите Љупчо Николовски и Фатмир Битиќи, министрите за транспорт и локална самоупправа Благој Бочварски и Горан Милевски и директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи.



Спонзорирани линкови

Маркетинг