Првото воено летало кое е дизајнирано и произведено во Австралија во последните 50 години го изврши својот прв пробен лет.
Станува збор за дронот наречен Airpower Teaming System, односно Loyal Wingman кој за кралското воено воздухопловство на Австралија го дизајнираше компанијата Boeing Australia.
Беспилотното летало успешно самостојно полета од пистата и го изврши првиот пробен лет при различни брзини и на различна висина, по што безбедно слета. Пилот од земја го надгледувал целиот тек на лет и првичните впечатоци се прилично позитивни, пренесуваат австралиските медиуми.
Дронот инаку е дизајниран да лета во близина на борбен авион, а функционира на вештачка интелигенција.
Австралиското кралско воено воздухопловство нарача вкупно шест вакви дронови од Boeing.