Новиот Taycan Cross Turismo на Porsche можеме да го опишеме како еден вид на попрактична верзија на моделот Taycan.
Кога станува збор за самиот дизајн, на прв поглед лесно може да се помеша изворниот Taycan со Taycan Cross Turismo, со оглед на тоа што предниот дел на двете возила е практично идентичен.
Секако, разликите најмногу може да се забележат странично и позади, а линијата на покривот е благо изразена со цел да се обезбеди поголем простор за патниците на задната клупа.
Дизајнерите на Porsche со шините на покривот очигледно се обиделе да го нагласат авантуристичкиот дух на Taycan Cross Turismo, но сепак, акцентот е ставен на поголемата практичност во однос на стандардната верзија.
Новиот модел по обликот на каросеријата може да се смести во категоријата на караван возилата, а исто така е повисок од стандардниот Taycan за 20 милиметри. Со ова, Porsche одигра и на картата на популарноста на кросоверите, па купувачите како опција го имаат и пакетот со заштитни елементи на долниот дел од возилото.
Покрај тоа, Taycan Cross Turismo го поседува и таканаречениот Gravel мод кој е наменет за возење надвор од асфалтирани патишта, а исто така и дополнително го подига возилото.
Taycan Cross Turismo стандардно е опремен со погон на сите четири тркала благодарение на погонската конфигурација која се состои од два електромотори.
Електричната енергија се складира во батерија со капацитет од 93,4 kWh, а основната верзија Taycan Cross Turismo 4 располага со 380 коњски сили, додека со boost модот моќта се подига на 476 коњски сили. Овој автомобил од 0 до 100 километри на час забрзува за 5,1 секунда, додека максималната брзина изнесува 220 километри на час. Автономијата на возење се движи од 389 до 456 километри според WLTP стандардите.
Следната верзија во понудата е Taycan Cross Turismo 4S чии електромотори произведуваат 490 коњски сили, а во boost мод 571 коњски сили. До „стотка“ развива за 4,1 секунда, а максималната брзина изнесува 240 километри на час. Кога станува збор за автономијата, со едно полнење на батериите може да помине од 388 до 451 километри.
Следува Taycan Cross Turismo Turbo со 625 коњски сили и 680 коњски сили во boost мод. Од 0 до 100 километри оваа верзија на Taycan Cross Turismo развива за само 3,1 секунди, додека максималната брзина изнесува 250 километри на час. Автономијата на возење се движи од 395 до 452 километри.
Фото: Запознајте го новиот Porsche Taycan Cross Turismo
Во самиот врв на понудата се наоѓа Taycan Cross Turismo Turbo S чии електромотори исто така испорачуваат 625 коњски сили, но во boost мод оваа верзија испорачува фантастични 761 коњски сили.
Благодарение на тоа, оваа верзија од 0 до 100 километри на час развива за само 2,9 секунди, додека максималната брзина е лимитирана на 250 километри на час. Според WLTP стандардите, со едно полнење на батериите, Taycan Cross Turismo Turbo S може да помине од 388 до 419 километри.
Porsche Taycan Cross Turismo во продажните салони пристигнува во текот на летото, а почетната цена на пазарот во Германија изнесува 93,935 евра.