Наскоро вакцина против Ковид-19 во облик на спреј?

Точка

04/03/2021

12:34

3.697

Големина на фонт

а а а

Неколку научни тимови ширум светот работат на развој на вакцина против коронавирусот која би се давала назално, во вид на спреј.

Повеќето вакцини кои се моментално во употреба се примаат преку инјекција во раката, меѓутоа научниците сметаат дека би имало многу повеќе смисла за респираторните вируси доколку имунитетот се изгради во првата точка на контакт со телото, до кој доаѓа во слузницата на носот, устата и респираторниот тракт, пишува шпанскиот „El Pais“.

Неколку вакцини против грип се применуваат на овој начин, а се верува дека оралната полио вакцина која е одобрена уште во 1961 година помогнала во превенција на болеста, особено кај децата.

Вирологот Рик де Сварт од Медицинскиот центар Еразмус во Ротердам вели дека вакцините против Ковид-19 кои моментално се користат, штитат против тешките облици на вирусот, но не секогаш спречуваат трансмисија на вирусот.


„Вакцините кои би се давале преку носот би можеле да обезбедат поголема заштита, иако останува да се види дали ќе се појават на пазарот пред крајот на пандемијата“, вели Сварт.

Неговиот тим направил вакцина која се дава преку носот и која го блокира влезот на вирусот во клетките. Спрејот бил испитуван на творови кои можат да заболат од Ковид-19 исто како и луѓето. Животните по давањето на вакцината биле ставени во кафез на еден ден, со животни кои веќе биле заразени со вирусот, а резултатите покажале дека ниту едно вакцинирано животно не се заразило.

„Нашата цел е да развиеме вакцина против овој вирус, но најпрвин мораме да докажеме дека е безбедна и ефикасна за луѓето. Овој лек делува исто и на многу други респираторни вируси, така што би можел да се користи како брз одговор и во друга пандемија“, заклучил вирологот.

Веќе неколку компании развиваат назални вакцини за Ковид-19, а најмалку 4 се во првата фаза на тестирање на луѓе.


Уште во октомври минатата година, американските научници вршеле испитувања на глувци кои покажале дека една доза назална вакцина е способна да го намали коронавирусот исто како 2 дози конвенционална вакцина и со тоа да се избегне инфекција од речиси 100 отсто.

„Мораме да бидеме способни да ја спречиме трансмисијата на вирусот до крајот на пандемијата, а овој вид вакцина може да го постигне тоа“, вели имунологот Мајкл Дајмонд од вашингтонскиот универзитет Сент Луис кој го предводи клиничкиот развој на вакцината.

Тој додал дека овој вид вакцина би можел да биде ефикасен особено во превенција кај децата или како „засилувач на дозата“.

Претседателот на шпанското Друштво за имунизација, Маркос Лопез, вели дека назалната вакцина поттикнува создавање на антитела познати како имуноглобулин со што би се спречила инфекцијата пред таа да се спушти на белите дробови и другите органи.



Спонзорирани линкови

Маркетинг