Американската Агенција за храна и лекови ја одобри за употреба вакцината против коронавирусот на компанијата „Џонсон и Џонсон“.
Агенцијата за храна и лекови и Одборот за биолошки производи гласаа вакцината да се одобри за итни случаеви за лица постари од 18 години.
Доколку бордот на Агенцијата ја испочитува препораката, а тоа речиси сигурно ќе се случи во текот на денешниот ден, вакцината на „Џонсон и Џонсон“ ќе биде третата која е одобрена во Соединетите Американски Држави, а од вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ се разликува по тоа што содржи само една доза и може да се чува во обичен фрижидер.
Оваа вакцина клинички беше тестирана на 44 илјади луѓе во САД, Средна и Јужна америка. Глобално, покажа ефикасност од 66% во спречувањето на среден и тежок облик на коронавирусот.
Како што пренесуваат американските медиуми, се очекува граѓаните на САД да можат да почнат да ја примаат вакцината на „Џонсон и Џонсон“ веќе од понеделник.