Притисокот на САД е преголем, компаниите во страв се повлекуваат: Дали мегапроектот на Путин е загрозен?

Точка

24/02/2021

21:04

4.754

Големина на фонт

а а а

Кон крајот на март во Брисел, шефовите на државите и владите на земјите членки на Европската унија, ќе дебатираат за воведувањето на новите санкции против Русија поради случајот на Навални, но сите чекаат дали сето тоа ќе се прошири и на геостратешкиот проект – гасоводот „Северен Тек 2“.

Овој проект од самиот старт е предмет на конфликти помеѓу Брисел и Москва, а новата администрација на американскиот претседател Џо Бајден повторно ги „напаѓа“ компаниите кои работат на тој мегапроект.

Така, веќе 18 компании во страв од санкции, се повлекоа од проектот, меѓу кои и три моќни осигурителни компании како што се “Zurich, Axa и Munich Re”.

Според руските извори, завршени се 97% од градежните работи, а до мај оваа година треба да заврши проектот во данските територијални води. Сепак, сега се е ставено под знак прашалик, па дури и завршниот проект во Германија.


Околу 100 европски компании, од кои половина се германски, веќе работеа на проектот, а некои од нив би можеле да загубат и повеќе од милијарда долари. Поради американските санкции, од проектот се повлекува и еден од најголемите германски конгломерати – Bilfinger, како и моќната норвешка компанија DNV GL.

Канцеларката Ангела Меркел, која го поддржува проектот на новиот гасовод кој ќе ги поврзе Русија и Германија, сепак последната одлука им ја препушти на телата на Европската унија и на тој начин го тргна товарот од Берлин.

Но, и во самата Германија постојат политички отпори, па така Зелените и либералите се против, а левичарската Die Linke и десничарската AfD го поддржуваат проектот.


Германскиот министер за економија и енергетика, Петер Алтмајер неодамна изјави дека го поддржува продолжувањето на изградбата на гасоводот, без оглед на тоа што руските власти му одредија затворска казна на опозиционерот Алексеј Навални, еден од најистакнатите критичари на Владимир Путин во Русија.

Но, една од причините поради кои што гасоводот ќе ја загрози Европа, според Вашингтон, е можната манипулација со гасоводот од страна на Путин и маргинализацијата на Украина, низ која моментално минува најголемиот транзит на руски гас за Европа, како и Словачка.

Русија започна да ги гради своите два најголеми стратешки проекти, „Северен тек 2“ и „Турски тек“ на југот, со цел да ја заобиколи Украина. Според аналитичарите, ваквите потези на Москва имаат за цел Украина да ја ослабат економски, а истовремено да ја направат и политички „неатрактивна“ за Европската унија.


Најголеми противници на „Северен тек 2“, покрај Соединетите Американски Држави, секако се и Велика Британија, Франција, Полска, Естонија, Летонија, Литванија и Романија.

Од друга страна, овој проект има поддршка од Германија, како и Италија и Австрија кои исто така ќе бидат снабдувани со гас. Поради ова, на состанокот за еден месец во Брисел се очекува жестока дебата околу „Северен тек 2“, посебно сега кога односите помеѓу Брисел и Москва се на најниско ниво во последните неколку години.

Евентуалното сопирање на „Северен тек 2“, проект вреден повеќе од осум милијарди долари со „проточност“ од 55 милијарди кубни метри гас, дополнително би ги заострило односите помеѓу Брисел и Москва, а секако, тоа би било жесток удар за Владимир Путин.




Спонзорирани линкови

Маркетинг