И без сознанија за бегство, одреден куќен притвор за Миле Јанакиески

Макфакс

23/02/2021

20:03

2.828

Големина на фонт

а а а

Определен нов куќен притвор за ексминистерот Миле Јанакиески за предметот ТНТ откога обвинителите забележале дека не може да му го продолжат за предметот „Шпански скали“. За разлика од случајот на Сашо Мијалков, каде што се чекаше потврда на информациите за можно бегство за да му се одреди притвор, кај Јанакиески притворот е одреден без никакви оперативни сознанија.

Обвинителката Русковска вели дека причината за нов притвор за Јанакиески е побаран бидејќи против него се водат 8-9 предмети. Прашана зошто не се постапило исто и кон Мијалков кога и против него се водат три предмети и две истраги, таа рече дека немала таква информација. Обвинителот Бурим Рустеми, кој го води предметот ТНТ, за „Макфакс“ вели дека барал притвор за да биде раат, а тоа не го сторил порано бидејќи Јанакиески веќе бил во притвор.

„Поднесов предлог, му истекува сега на 26 февруари. Постапките се при крај и, нормално, се очекува дека може да избега. Доказ е тоа што предметот се движи при крај, тоа е посебен притисок и всушност тој има повеќе постапки. Нормално, како што оди при крај предметот, извесноста дека ќе побегне е поголема. Јас сметам дека е посигурно да седи во притвор бидејќи за некој месец ние ќе завршиме. Јас сум убеден за мојот предмет дека имам докази за осудителна пресуда, сакам да бидам раат и чист во врска со мојот предмет. Бев известен дека притворот не може да се продолжи по предметот за кој веќе му е одреден и сметам дека треба да се предложи“, вели Рустеми за „Макфакс“.

И шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, за „Макфакс“ вели дека притворот е поради многуте постапки.

„Тој беше во куќен притвор и претходно за ’27 април’, па кога почнаа ‘Шпански скали’ беше за тоа, така што сега истекува за ‘Шпански скали’. Се водат премногу постапки за него, од тие причини е притворот. Ние тргаме од околноста бидејќи против него се водат 8-9 предмети така што, ако не е во куќен притвор, има голема шанса да се даде во бегство затоа што навистина против него има многу постапки“, вели Рускоска.

Рустеми вели дека побараниот притвор за ТНТ не е изигрување на законот, а се согласува дека доколку против Јанакиески не се водеа повеќе предмети, тој ќе бил на слобода поради неможноста да се побара притвор.

„Ако немаше друг предмет, немаше да може да му се одреди притвор бидејќи по закон, 1 година може да биде во притвор за 1 предмет по поднесување обвинение. Тоа значи дека во предметот за кој му беше одреден не можеше да се одреди, ако немаше друг, ќе беше пуштен на слобода. Нема индиции до сега затоа што беше во куќен притвор. Претходниот притвор не значи дека не важи за нас. Побаравме притвор до завршување на постапката, па кај и да е, ќе заврши. Тоа е направено координирано со обвинителката Вилма Русковска, таа не се побуни“, додава Рустеми.

Обвинителката Русковска вели дека нема увид во предметите на СЈО, па, така, не знае во колку предмети е обвинет Мијалков, прашана зошто и за него не бил побаран притвор по истиот основ како за Јанакиески.

„Не знам јас колку постапки се водат за него. Тоа навистина не го знам. Јас во суштина, освен што се запишани предметите на СЈО во записник, тие што се во наша надлежност, навистина немам увид во нивните предмети“, додава Русковска.



Спонзорирани линкови

Маркетинг