Спасовски: Јас не сум одговорен за бегството на Мијалков, во институциите има кртови од претходниот режим

Точка

23/02/2021

15:57

3.840

Големина на фонт

а а а

На прес конференцијата која започна во 15:00, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најпрво ги демантираше шпекулациите за постоење на политички договор.

"Да ги демантирам сите шпекулации околу некакви политички договори. МВР работи на пронаоѓање на лицето и негово излегување пред правдата", кажа министерот Спасовски.

Тој напомена дека МВР постапило според насоките веднаш откако ги добило информациите:

"Во текот на вчерашниот ден извршен е информативен разговор со 10 лица, а во текот на денешниот ден продолжуваме со сите расположливи мерки за наоѓање на лицето. МВР ќе продолжи со сите средства да трага по бегалецот. Сите надлежни институции имаме обврска да го лоцираме. Целата држава го очекуваше ова детално објаснување, и ги охрабрувам ЈО и Судот да дадат јавни одговори на сите случаи. Ваквите ситуации ја рушат довербата во системот. За оние кои не постапиле соодветно, одговорност мора да има. Правда мора да има, и таа ќе се обезбеди преку функционирање на институциите, постапување брзо и ефикасно, и превземање на предвремени мерки, за да не доаѓаме до вакви случаи", рече министерот за внатрешни работи.

Спасовски додаде и дека не чувствува лична одговорност бидејќи за да се чувствува одговорност треба да се направи некако пропуст, а тој вели дека пропуст не е направен. Вели дека одговорноста треба да се бара во нефункционалноста на системот.

"Во однос на личната одговорност, јас сметам дека треба да се поднесе одговорност за сопствено преземените чекори. Сега е моментот да го најдеме бегалецот и да го изведеме пред правдата. Кога ќе се докаже кој е одговорен, не само морална, мора да има и кривична одговорност, затоа што треба да се менува функционирањето на системот", рече Спасовски.

Министерот додаде и дека се сомнева дека постојат кртови во сите институции кои биле остатоци од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

Според сите анализи, Мијалков е уште во државата

Според досегашните анализи на МВР, Мијалков сè уште не е излезен од Македонија. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање рече дека ексдиректорот на тајната полиција сè уште е во државата.

„Според сите наши анализи, сметаме дека сè уште е во државата и дека не ја напуштил Република Северна Македонија. Тоа е согласно сите анализи и проценки, ако знаеме каде е ќе беше во притвор. Анализите и проценките се врз основа на потражните дејствија. Наша увереност е дека е во државата и се работи на негово пронаоѓање“, рече министерот Спасовски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг