Синот на Сашо Мијалков, Јордан е повикан на распит во полициската станица, а покрај него, повикани се и сопругата и телохранителите на поранешниот шеф на УБК.
Од Јордан се бараат сознанија за бегството на неговиот татко кој е недостапен за полицијата од вчера откако му беше одредена мерка домашен притвор.
Како што пренесува „Фокус“, покрај Јордан, во полициска станица ќе бидат повикани и сопругата на Сашо Мијалков, членови на потесната фамилија, како и неговото обезбедување.
Поранешниот шеф на УБК е недостапен од вчера попладне, а полициските службеници не го пронашле во неговиот дом за да му го достават решението за домашен притвор.
Да потсетиме, Сашо Мијалков е еден од обвинетите во случајот „Тврдина-Таргет“ за масовно нелегално прислушување, како и за уништување на опремата. За петок беше најавено изрекување на пресудата, а на Мијалков му се закануваше повеќегодишна затворска казна.
Денеска се огласи и премиерот Зоран Заев кој истакна дека е разочаран што Мијалков не е пронајден.
„Народот бара правда. Се случи уште едно бегство. Мијалков се очекува да биде осуден согласно предметот Таргет-Тврдина. Разочарани сме што тој се уште не е пронајден. Барам институциите да постапат согласно законот. Убеден сум дека тоа може да се спроведе“, изјави Заев.