Пендаровски за пописот: Демократска држава не ги одзема стекнатите права, независно од бројката на граѓаните

Макфакс

29/01/2021

16:36

852

Големина на фонт

а а а

Проблемите поврзани со пописот не се ниту законски, ниту уставни, ниту технички, ниту здравствени.

Најголемиот предизвик при неговата имплементација може да биде само непотребната политизација која во јавноста се креира извесен период наназад, рече денеска претседателот Стево Пендаровски на средбата што Државниот завод за статистика (ДЗС) ја организираше со градоначалниците на општините.

„Оваа политизација ги вклучува повиците за бојкот на пописот, лицитирање за процентуалната застапеност на заедниците и најавите дека нема да бидат прифатени резултатите доколку не отсликуваат нечија посакувана бројка. Иако доаѓаат од различни страни, сите обиди за политизација имаат еден заеднички именител. Имено, сите се рефлексија на стравот од резултатите од пописот“, посочи македонскиот претседател.

Според него, тој страв произлегува од погрешното разбирање на концептот на човековите права.

„Човековите права и слободи не се привилегии што можат да се изгубат или одземат во зависност од нечија волја. Во една демократска држава со европска иднина, стекнатите права не смеат да се одземаат, туку само да се зголемуваат и тоа треба да важи за сите граѓани, независно од нивната бројка“, истакна Пендаровски додавајќи дека политизацијата на пописот е само дефокусирање од реалните проблеми со кои се соочуваат македонските граѓани, пред сè во економско-социјалната сфера и владеењето на правото.

Како што рече претседателот, потребен е попис чии резултати нема да бидат оспорувани, а предуслов за тоа е да имаме политички консензус дека независно од резултатите, ничии права нема да бидат загрозени или одземани.

„Ако постои една работа којашто навистина треба да не исплаши од овој попис сите нас, тоа е бројката на иселени граѓани, бројката на млади луѓе кои засекогаш ја напуштиле државата. Но, тоа не се стравови од другиот, различниот, туку стравови за тоа колку всушност малку нè има во нашата заедничка држава“, нагласи тој.

„Во повеќе наврати реков дека пописот ќе го деполитизираме само ако сите релевантни политички фактори упатат, јасни и недвосмислени пораки до македонските граѓани, во оваа насока“, додаде Пендаровски апелирајќи до градоначалниците токму со вакви пораки да истапат пред граѓаните во своите општини.



Спонзорирани линкови

Маркетинг