Премиерот Зоран Заев за време на обраќањето на настан организиран од Државниот завод за статистика на кој присуствуваа високи функционери и градоначалникот, порача дека успешниот попис е клучен за секој сегмент од животот на граѓаните.
Според Заев, бојкотирањето на пописот е исклучително штетно за државата, потребен е за преговорите со Европската унија и ги повика и ВМРО-ДПМНЕ да се вклучат во неговото успешно спроведување.
„Повикот за бојкот без разлика дали е спакуван како повик за неучество или за минирање на најважната статистичка операција за земјата е неодговорно однесување и отсуство на елементарна свест дека со неспроведување на пописот стануваме единствена земја која нема да може да планира каков било развој од економски, образовен и културен аспект. Таквиот став е свесно туркање на земјата во провалија и закана дека ќе останеме црна дупка во светот како изолирана земја која не поседува податоци за да може да ги испланира следните, 5, 10, 50 или 100 години од сопствената иднина. Кому му одговара да имаме иднина планирана врз погрешни податоци, стари повеќе од 20 години? Кому му одговара да имаме промашени планови за развој? Никој не сака таква земја за партнер, ниту еден инвеститор нема да покаже интерес да инвестира кога ќе види дека земјата ги нема основните статистички податоци за нејзините ресурси, за работната сила, за пазарот, за потрошувачките навики“, изјави Зоран Заев, пренесува 360stepeni.mk.
Премиерот порача дека пописот нема да даде само слика за етничката состојба, туку со помош на пописот државата ќе може да ги креира потребните економски, здравствени и социјални мерки.
Според Заев, општините ќе имаат корист од пописот затоа што со точните бројки ќе можат да го планираат развојот на локалните пазари, туризмот и слично.
„Ве охрабрувам и ве повикувам да се вклучите во сите аспекти на пописот и да спроведеме 100% успешна операција. ДЗС ги има сите капацитети, сè што е потребно е да ги следиме нивните насоки, да дадеме поддршка и да имаме успешен резултат“, изјави Заев.