Моќни глечери, тиркизни езера и огромни водопади: Добредојдовте во норвешкото царство на природата

Точка

25/01/2021

17:23

3.690

Големина на фонт

а а а

Само една фотографија направена од птичја перспектива беше доволна за да се вљубиме во норвешкото место Стрин. Сместено на југот на Норвешка во лавиринт од острови, полуострови, заливи, реки и национални паркови, изгледа како совршено место за зимски одмор – и навистина е така.

Составена од повеќе мали села, оваа општина има свој центар во истоименото село Стрин, а главниот начин на заработка тука се сточарството, одгледувањето овошје и зеленчук, шумарството и, секако, туризмот. Тука живеат околу 7000 жители кои важат за многу добри домаќини. Туризмот е развиен уште од средината на 19-от век, па така и домашните жители веќе со генерации ја негуваат традицијата на угостување на посетители од сите страни на светот.


Низ селото тече реката Стринелва, создавајќи прекрасна глетка. Нејзиното име во превод значи „силен извор“ и ако барем виртуелно прошетате низ местото, ќе разберете и зошто е тоа така. Сè е во знакот на кристално чистата, тиркизна вода.

Пејзажот остава без здив: моќните глечери и планините се рефлектираат во водата, а посебно се истакнува водопадот Рамнефјелсфосен, кој е еден од најголемите водопади во светот. Се состои од 4 меѓусебно поврзани водопади, од кои највисокиот е 405 метри, а заедно формираат еден голем водопад од дури 818 метри.


Стрин може да се пофали и со најголемата липова шума во Северна Европа, а блискиот Национален парк „Јостедалсбрин“ го има еден од најголемите глечери во Европа, величествениот Јостедал. Само глечерите привлекуваат речиси половина милион туристи годишно. На патот кон него можете да видите неверојатни сцени како кочии кои ги влечат коњите над стариот мост, додека под него дивата река влева страв во коски.

Секако дека оваа област е исклучително популарна меѓу љубителите на скијањето, особено во лето кога природата е помилосрдна и дозволува скијање на сонце, но во вистински зимски услови. Летниот ски-центар „Стрин“ се наоѓа на 1.065 метри надморска височина и е еден од најпопуларните скијачки центри во Северна Европа.


Освен тоа, скијалиштето е дел од патеката Гамле Стринефјелсвеген. Изградена е кон крајот на 19-тиот век, а денес се смета за ремек-дело на инженерството и изградбата на патишта. Патниците ја обожуваат затоа што минувајќи низ неа, можете да ги видите најубавите делови од норвешката природа.

Немојте да мислите дека кога велат Стрин е село, тука нема многу што да се види. Ова е село со норвешки стандард, така што поминувајќи низ улиците на повеќе населени делови лесно можете да помислите дека сте во град. Постојат продавници, кафулиња, ресторани, музеи, хотели...


Но, сè е подредено на околината така што немојте да се изненадите кога ќе здогледате кози или овци како удобно дремат среде прометен пат помеѓу моќните планини и широките реки. Тие се таму во нивната секојдневна прошетка, а вие сте само гостин.




Спонзорирани линкови

Маркетинг