Афера „Списоци“: Поранешни новинари на А1 сведочеа на судењето за „Титаник“

Точка

25/01/2021

12:43

3.398

Големина на фонт

а а а

Младен Чадиковски кој беше главен и одговорен уредник на А1 Телевизија, пред 10 години добил списоци со функционери и гласачи на тогаш владеачката ВМРО-ДПМНЕ.

Чадиковски на денешното рочиште за случајот „Титаник“ се појави како сведок каде што откри дека од извор ги добиле списоците, по што заедно со колешките Сашка Цветковска и Наташа Стојановска одлучиле да извршат новинарско истражување на аферата „Списоци“.

„Почнавме да истражуважме, не сакавме само така да ги објавиме документите. Материјалите ги снимавме тонски преку телефон. Се јавуваме на луѓе на списоците, се преставувавме како дел од Центарот за комуникаци на ВМРО-ДПМНЕ и одговорите беа во насока што ги пишуваше во списоците“, изјави Младен Чадиковски, пренесува „24.мк“.

Чадиковски меѓу другото истакна дека материјалите биле доставени до Јавното обвинителство, но тој не бил повикан да даде исказ.

Денеска исто така сведочеше и новинарката Сашка Цветковска која откри дека лицата кои добиле вработување од ВМРО-ДПМНЕ, морале да обезбедат од 15 до 30 гласови за партијата.

„Списоците содржеа податоци, од генералии, телефонски броеви и избирачки места каде што треба да гласат. Тие беа лица што благодарение на државниот апарат добивале работни позиции. Бидејќи добивале привилеги од партијата тие имале обврска да донесат 15 или 30 гласови зависно во која позиција се вработени во институциите. Најчесто стануваше збор за раководни лица“, изјави Цветковска.

Да потсетиме, во случајот „Титаник“ осомничени за повеќе кривични дела поврзани со финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ и нарушување на изборните процеси во 2011-та и 2013-та година се осомничени 20 лица, меѓу кои и поранешни и сегашни истакнати функционери во партијата како Миле Јанакиевски, Гордана Јанкуловска, Илија Димовски и други.




Спонзорирани линкови

Маркетинг