Од тарантули до невести: Што сè може да се купи на најчудните пазари на светот?

Точка

22/01/2021

18:20

3.429

Големина на фонт

а а а

Каде и да одиме, со задоволство ги посетуваме пазарите – тие се совршени места за запознавање на културата, локалното население, секојдневнието на местото...

Иако секој пазар има свој шарм, некои се истакнуваат со својата егзотична понуда или метод на работа. Ова се најнеобичните пазари на светот:

Магичен пазар (Боливија)

Доколку верувате во духови или ве интересираат локалните верувања и обичаи, можеби нема подобар начин да им се приближите од посетата на Магичниот пазар во Ла Паз. Во понудата ќе најдете разни работи потребни за протерување на злите духови, амајлии и состојки за лековити напивки, па не е ни чудно што ова е омилено место на разни шамани и астролози. Тука ќе ве пречекаат бизарни работи како сушени животински фетуси, трупови на жаби, камења од астероиди...


Пазар на пајаци (Камбоџа)

За оние кои панично се плашат од пајаци, имаме добра вест: барем не се живи! Но, за оние кои ги сакаат имаме лоша вест. На Пазарот на пајаци во Камбоџа можете да пробате малку поинаква локална кујна како чинија полна со крцкави тарантули. Изненадувачки, оние што ги пробале тврдат дека, во најмала рака, тие не се лоши и дека имаат вкус на мешавина од поховано пилешко и риба. И славниот Гордон Ремзи ги испроба пред камера – само ќе кажеме дека голем дел од неговите реакции мораше да биде цензуриран.


Вуду пазар (Того), Меркадо де Сонора (Мексико)

Прво што нѝ паѓа напамет е – не им ги препорачувајте овие пазари на оние со кои сте се замериле. Но, кога истраживме малку повеќе откривме дека станува збор за предмети што се користат во традиционалната медицина и правењето лекови. Локалните лекари веруваат дека чудесните пијалаци имаат благотворно дејство врз здравјето и дека можат да излечат многу болести, па затоа овој пазар е всушност и локална аптека за оние кои не можат да си дозволат скапи третмани и лекови.


Пазар на ромски невести (Бугарија)

Се вика пазар и да, навистина купувате невеста – но, тоа не е толку деловно како што звучи. Станува збор за традиција во која девојчињата и момчињата одат на пазар заедно со своите семејства. Секоја се облекува во најубавата облека и се шминка со надеж дека ќе го привлече најдобриот брачен партнер – ако може да си го дозволи тоа. Имено, цените знаат да бидат високи.


Пазар Маеклонг (Тајланд)

Овој пазар не е толку познат по необичните работи што се продаваат, туку по својата локација – се наоѓа среде железничка пруга низ која проаѓаат возови. Затоа го нарекуваат и најопасниот пазар во светот. Кога продавачите ќе дознаат дека возот е на пат, започнува секојдневниот процес: во рок од неколку минути се внесуваат намирниците под шаторот, шаторот се поместува ако е потребно и продолжуваат да седат настрана како да не се случува ништо невообичаено – сè додека не помине возот. Потоа, намирниците повторно се враќаат и шопингот на пругата продолжува.


Ка Фирсухи, пазар на птици (Авганистан)

Покрај вообичаените пазари со животни, теписи и храна, во главниот град Кабул можете да најдете и еден пазар каде што џагорот на купувачите го надвладејува цврцорење на птици. Птиците се чести драги миленици на жителите во Кабул, па затоа не е изненадување што постои цел пазар посветен на нив. За многу продавачи, ова е повеќе од работа – тоа е хоби и знаење кое се пренесува од генерација на генерација.


Пловечки пазари (Тајланд)

На пловечките пазари, продавачите ја чуваат стоката во традиционални чамци и веслаат од купувач до купувач. Можеби не изгледа практично, но овој начин на продажба настанал токму од практични причини: на оние кои носат стока од своите градини им е полесно да се спуштат по реката со брод до продажното место. Овој начин на тргување на некои места е стар стотици години. Можете да ги најдете и во Виетнам, Индонезија и никако не можете да ги промашите – само следете ја реката!


Пазар Измаиловски (Москва, Русија)

Матрјошката е еден од омилените симболи и сувенири од Русија. Овие шарени дрвени фигури лесно можете да ги најдете речиси насекаде, но нивното „гнездо“ е на пазарот Измаиловски. Покрај кукли, можете да пронајдете и убави, рачно изработени и обоени вазни, чинии и украси за домот, но и да испробате разни руски деликатеси и да се згреете под некоја шубара.


Ноќен пазар Шилин (Тајпеј, Тајван)

Нема спиење на патувањата. Затоа, ова е идеална прилика за купување сувенири или пробување локални производи за оние кои целиот ден го поминале на излети и разгледувања на градот. Еден од најголемите и најпознати ноќни пазари во Тајван ќе ве воодушеви со понуда од локалната кујна која е отворена од 20 часот до 2 часот по полноќ.




Спонзорирани линкови

Маркетинг