Google најави блокада на пребарувачот во Австралија доколку компанијата биде присилена да им плаќа на медиумите

Точка

22/01/2021

10:15

1.218

Големина на фонт

а а а

Компанијата Alphabed Inc во чија што сопственост е Google соопшти денеска дека ќе го блокира пребарувачот во Австралија доколку Владата го усвои новиот закон кој би ги присилил Google и Facebook на медиумските компании да им го платат правото на користење на нивните содржини.

Заканата на Google е ескалација на битката со медиумските конгломерати како News Corp која будно се следи ширум светот. Интернет гигантот предупреди дека нивните 19 милиони корисници во Австралија ќе се соочат со намалена можност за пребарување на Google и користење на YouTube доколку се усвои новиот закон.

Австралија е на пат да усвои закон кој би ги натерал технолошките гиганти да преговараат за плаќање на локалните издавачи и емитери за содржината која е вклучена во резултатите на пребарувањето. Доколку договорот не биде постигнат, тогаш цената ќе ја одреди арбитар кој би бил именуван од Владата.

„Доколку оваа верзија стане закон, ние не би имале друг избор од тоа да ја прекинеме достапноста на Google пребарувачот во Австралија“, изјави Мел Силва, директорка на Google за Австралија и Нов Зеланд.


На ваквите коментари од Google остро реагираше австралискиот премиер Скот Морисон кој порача дека земјата ги носи правилата за „работите кои што можат да се прават во Австралија“.

„Луѓето кои што сакаат да работат со тоа во Австралија се добредојдени. Но, ние не реагираме на закани“, изјави Морисон.




Спонзорирани линкови

Маркетинг