Филипче: Првите вакцини од „Фајзер“ и од Србија ќе стигнат со интервентен увоз

Макфакс

21/01/2021

16:26

2.111

Големина на фонт

а а а

Не постои законска пречка за прием на вакцините против Ковид-19 во нашата земја. Првите дози на вакцината од „Фајзер“, која е договорена во директни преговори со производителот, како и 8.000 дози што од Република Србија треба да пристигнат во нашата земја, ќе бидат со интервентен увоз.

Измената на Законот за лековите е поради глобалната политика на „Фајзер“, од каде што инсистираа апликант за регистрацијата на вакцината да биде нивното претставништво кое е со седиште во Холандија, одговорно за овој дел на Европа, вели министерот за здравство, Венко Филипче.

„Србија е единствената земја во целиот регион каде што има локално претставништво на ‘Фајзер’ и тоа на некој начин им ги забрза работите. Но, и тоа не е пречка, свесни дека е таква нашата законска регулатива, производителот ‘Фајзер се согласи првите количини вакцини што ќе дојдат во нашата земја и преку директниот договор, но и преку помошта од Србија, да дојдат со интервентен увоз за што има законска регулатива и за тоа не треба регистрација“, истакна Филипче.

Тој додава дека „Фајзер“ на нашата земја ѝ излезе во пресрет не сакајќи да се забави динамиката на пристигнување на вакцините.

„Со оглед на тоа што инсистираат регистрацијата да се биде кога-тогаш, не сакајќи да ја забават динамиката на пристигнување на вакцините, се согласија тоа да биде за следните количини во следните месеци поради тоа што ние поднесовме измена на Законот за лековите во Собранието за да овозможиме оваа конкретна вакцина да се регистрира преку апликант што не е регистриран како компанија во нашата земја“, објаснува Филипче.

Што се однесува до испораката на вакцините од Република Србија, Филипче појасни дека во моментот се чека одобрување од компанијата „Фајзер“ за интервентен увоз.

„Во интензивна комуникација сме со компанијата изминатите два дена, паралелно на нашите разговори во врска со нашиот директен договор, сега се чекаат и фајловите за да се дозволи таа количина од Србија да биде пратена во нашата земја. Тоа значи дека компанијата ‘Фајзер’ води сметка за буквално сите количини што ги дистрибуира во земјите дали и на кој начин евентуално се препраќаат во некои други земји“, додава министерот.

Во врска со измените на Законот за лековите, министерот изминатиов период имаше средби со пратеници на опозицијата, кои во разговор со него изразија поддршка и конструктивност за измените на законот.

Што се однесува до вакцините што во земјата треба да стигнат преку Ковакс-механизмот, министерот Филипче на 29 јануари ќе има состанок со претставниците од тој систем кога се очекува да добие информации кога и во кои количини вакцините ќе стигнат во нашата земја.

Тој нагласи дека здравствениот систем и сите други институции во државата се подготвени за процесот на вакцинација.

„Ние сме целосно спремни. Утрово имав состанок со директорот за Агенцијата за лекови МАЛМЕД, тамошните служби се целосно спремни да ги пречекаат документите, да ги издадат потребните административни формулари. Му укажавме на директорот на Царината и во таа служба се спремни вработените сите постапки да се завршат во најкус временски рок. Ние сме спремни со нашата инфраструктура, фрижидерите веќе се инсталирани, може тука да се складира огромна количина вакцини. Подготвен е и планот за вакцинација, секако здравствените работници се први, така што во моментот кога ќе пристигнат вакцините, имаме план по кој ќе се постапува“, изјави министерот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг