Важни одлуки уште во првите денови од мандатот: Може ли Бајден да спречи нова трка во вооружување?

Точка

20/01/2021

10:25

4.845

Големина на фонт

а а а

Во првите денови откако ќе се всели во Белата куќа, Џо Бајден ќе мора да донесе важни одлуки за контролата на вооружувањето од кои ќе зависи дали ќе биде спречена, односно сопрена нова трка во вооружување.

Кога Бајден ќе ја положи денеска заклетвата и официјално ќе стане нов претседател на Соединетите Американски Држави, ќе му останат уште 16 дена до истекувањето на договорот „Нов СТАРТ“ со Русија, а со него и последното обврзувачко ограничување на двата најголеми нуклеарни арсенали на светот.

Истовремено, новата Влада ќе биде изложена на пристисокот да го спаси Нуклеарниот договор со Иран од 2015-та година кој забрзано пропаѓа откако Доналд Трамп во 2018-та година нареди повлекување на САД од договорот.

Од тимот на Бајден за национална безбедност се очекува за неколку месеци да се изнесе и првото барање околу буџетот за одбрана, а тоа подразбира и одлука за тоа дали да продолжат, да се сопрат или укинат програмите за нуклеарно вооружување кои ги започна Доналд Трамп.


Кога станува збор за „Нов СТАРТ“ (ограничување на користењето на стратешкиот арсенал на 1,500 боеви глави), Бајден веќе изрази подготвеност за продолжување на важноста на договорот. Русија исто така, но прашање е за колкав период. Ентони Блинкен, главниот кандидат за иден државен секретар на САД го потврди тоа.

„Ќе бараме продолжување. Бајден како претседател ќе мора да донесе одлука колку ќе сака да трае новиот договор. Постои опција и да бара продолжение на периодот кој е нешто помал од максималните пет години колку што е дозволено со актуелниот договор“, ги пренесува британската новинска агенција „Ројтерс“ зборовите на Блинкер.

Тимот на Бајден исто така ќе мора мора да одлучи како да биде прилагодено продолжувањето на Нов СТАРТ со цел да се заземе потврд став кон Москва во другите прашања, пред се околу најновите сајбер напади на американските институции.


Според зборовите на Кингстон Рејф, директор за разоружување и намалување на закани при Асоцијацијата за контрола на вооружување „САД и Русија би требало да ги продолжат преговорите за стратешка стабилност во првите 100 или 200 дена“.

Речиси подеднакво итно прашање е решавањето на судбината на мултилатералниот Заеднички сеопфатен акционен план "JCPOA" кој во јули 2015-та година во Виена го потпишаа Иран и „Групата 5 плус 1“ (Кина, Франција, Русија, Велика Британија, САД и Германија како земја потписник во името на Европската унија). Во замена за ублажување на санкциите, Иран тогаш се согласи да ги ограничи своите нуклеарни активности.

Трамп се обиде да го уништи договорот така што го напушти и започна кампања на воведување на санкции, што резултираше со тоа Иран да престане да ги почитува обврските од договорот, а врвот е збогатувањето на ураниумот до 20%.

„Доколку Иран одлучи повторно да ги почитува обврските од нуклеарниот договор, повторно ќе влеземе во "JCPOA" и ќе соработуваме со нашите сојузници во Европа и другите светски сили на јакнење и продолжување на рокот на важност на договорот“, изјави Џо Бајден.


До март оваа година, новата американска администрација ја очекуваат уште некои важни одлуки. Новата Влада ќе треба да го утврди првиот буџет за одбрана, вклучувајќи ја и програмата за модернизација, која уште кога Трамп стапи на должност изнесуваше повеќе од билион долари, по што и дополнително беше зголемена. Роуз Готемелер, која беше главен американски преговарач за „Нов СТАРТ“, очекува преиспитување на таа одлука.

Да потсетиме, администрацијата на Доналд Трамп распореди верзија на „Тридент“ ракетата со боева глава со мала разорна моќ и започна со работа на развој на нуклеарна ракета која се лансира од подморница. Се зголемија и издвојувањата за производство и одржување на нуклеарните боеви глави за 50%.

Уште порадикална промена би било и забавување на работата на развојот на новата генерација на интерконтинентални балистички ракети. Пранај Вади, поранешен функционер во Стејт Департментот за контрола на вооружување, а сега вработен во Фондацијата за мир во светот „Карнеги“, која претстави предлози за разоружување во времето на Бајден, вели дека „сега сме на пресвртница кога интерконтиненталните балистички ракети се уште не се произведуваат“.

„Логично би било да кажеме дека сакаме да имаме 200 или 300 интерконтинентални балистички ракети, наместо 400 колку што се распоредени и да почекаме да видиме на што се Русите подготвени да намалат за возврат“, изјави Вади.



Спонзорирани линкови

Маркетинг