Русковска открива: „Во фиока на починат курир најдени се 1.500 недоставени платни налози и мандатни казни, којзнае уште колку такви случаи има“

Точка

16/01/2021

12:23

6.724

Големина на фонт

а а а

Обвинителката за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, во гостување на „Канал 77“, посочи дека се залага за „прочистување“ на судството во Македонија и откривање на причините зошто предметите застаруваат.

„Јас сум за прочистување на судството и обвинителството, но да се откријат причините зошто застаруваат предмети, зошто имаме постапки по 15 години, кои се причините за тоа.

Но, кога зборуваме за обвинителството и судството нам ни треба пошироко прочистување, да се види администрацијата како работи. Пред некој ден од Судски совет добив известување дека починал некој курир и кај него во фиока откриени се преку 1.500 платни налози, за прекршоци, за мандатни казни… Со тоа за 20 милиони денари е оштетен буџетот, и тоа зборувам за еден вработен само, кој знае колку има други вакви слуачи. Затоа сметам дека треба да има дополнување на одредени закони, на Законот за кривична постапка, на Кривилен законик, Законот за управните судови, мора некои работи да претрпат измени за да бидеме поефикасни, без разлика за кој суд станува збор“, изјави обвинителката Русковска во емсијата „Стадион“ на „Канал 77“.

Од друга страна, министерот за правда, Бојан Маричиќ, исто така вели дека треба да се испитаат сите релации на судија и обвинител и дека треба да се истражи улогата на администрацијата, но и на стручните служби.

„Според планот на Владата за реформи во судството важно е да се испитаат сите реалции на еден судија, на еден обвинител, и се согласувам дека треба да се види улогата на администрацијата, на стручните служби. Коруптивното однесување е најчесто организирано, па затоа има вмешани и вработени од администрацијата. Најверојатно за одредена мала парична награда службеник не вршел достава на платни налози, но не верувам дека службеникот може сам ова да го прави, обично е тоа заеднички потфат, и затоа мора да се реформираме“, изјави министерот Маричиќ.




Спонзорирани линкови

Маркетинг