Најдобриот наставник на светот добил еден милион долари, наградата ја поделил со своите колеги

Точка

03/12/2020

17:18

2.544

Големина на фонт

а а а

Наградата наречена „Global Teacher Prize“, оваа година ја освои индискиот наставник Ранџитсин Дисале од 12.000 пријавени наставници од целиот свет.

Во ова тешко време, наставниците го даваат најдоброто од себе секој ученик да го оствари своето право, а тоа е правото на квалитетно образование. Наставниците веруваат во давање и делење, вели добитникот на овогодишната награда „Global Teacher Prize“. 

32-годишниот Ранџитсин Дисале, учител во едно селско училиште во западната индиска држава Махараштра, е награден поради неговиот ангажман за едукација на девојчињата.

Оваа награда му донела на Ранџитсин и финансиски дел од дури 1 милион долари, кој во духот на своите зборови, одлучил да ги подели со останатите наставници кои се нашле на топ 10 листата на кандидати за наградата.

Дисале направил многу за девојчињата од сиромашниот крај во кој живее тие да посетуваат училиште и со тоа да избегнат неписменост и преран брак. Покрај тоа, наставникот држи и онлајн лекции за ученици во 83 држави и води меѓународен проект со кој се поврзуваат младите во воените зони.

Пандемијата на коронавирусот им зададе силен удар на образовните системи ширум светот, но токму придонесот на наставниците ја прави разликата, вели Стефанија Џианини, претставничка на УНЕСКО кој е партнер на натпреварот.


Посебната награда „Covid-Hero“ (Ковид-херој) ја примил британскиот наставник Џејми Фрост кој покренал онлајн платформа за учење математика. Фрост предупредува дека пандемијата на коронавирусот уште повеќе ги намали шансите многу деца да добијат добро образование.


„Затоа го поминав секој слободен час работејќи на платформата, за да им помогнам на студентите низ целиот свет кои се исфрлени од нивните училници“, вели наставникот.

Домаќин на онлајн доделувањето беше познатиот британски актер и режисер Стивен Фрај, а учесниците ги поздрави и британскиот премиер Борис Џонсон, кој истакна дека „треба да им се оддаде почит на наставниците ширум светот за нивниот непроценлив придонес во текот на пандемијата“.

За следната година е најавено и доделување на награди и за учениците.



Спонзорирани линкови

Маркетинг