ВМРО-ДПМНЕ предлага амандман за изградба и уредување на кејот во Охрид

Макфакс

02/12/2020

12:23

745

Големина на фонт

а а а

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ предлага амандман за изградба и уредување на кејот во Охрид.

Кирил Пецаков, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека СДСМ нема концепт за развој на туризмот и развојот на Охрид и унапредување на заштитата на Охридското езеро, а тоа се гледа и од Предлог буџетот за 2021. Според него, СДСМ на чело со премиерот Зоран Заев со ништо не ги помага нуту туристичките работници, кои беа најмногу погодени од Ковид-19 пандемијата.

ВМРО-ДПМНЕ преку амандмани на буџетот за 2021 година предлага низа мерки за кои смета дека се потребни за Охрид и охридско, но и за туризмот. Во таа насока предложена е изградба/уредување на градскиот Кеј во Охрид; Отворање на дневни центри за деца и лица со пречки во развојот во Охрид; Креирање на специјалистички едногодишни студии за работа во култура за туристички цели: археологија, етнологија, историја на уметност, историја, реторика, етика и сл. На тој начин, вели Пецаков, би се вратил интересот за овие научни гранки, а туризмот би се збогатил со луѓе кои се компетентни во овие научни теми.

Понатаму, предложена е набавка на специјален пловен објект за превенција и интервенирање при итни ситуации во медицинска, противпожарна, спасувачка цел по охридското крабрежје; Развој на мобилна апликација Brаnd Macedonia, поддршка на патувања низ Македонија. Изработка на информациски систем е-визиторс и дигитализација на царинската управа. Субвенционирање на угостителски капацитети кои би добиле статус зелени хотели/зелени ѕвездички; Евидентирање и промоција на еколошки зони (еко – туризам); Евидентирање и промоција на верски објекти; Изградба на патно поврзување на селото Куратица со Општина Дебарца; Формирање на посебен развоен фонд за туризмот и угостителството; Изградба на катна гаража во Охрид; Реконструкција со надградба и доградба на објектот на НУ Центар за култура Григор Прличев, со цел обезбедување на нов објект наменет за Македонски народен театар; Изградба на велосипедска патека Охрид-Свети Стефан; Изградба на откупно-дистрибутивен центар за земјоделски производи во Охрид; Изградба на станови за млади кадри во планските региони (со посебен акцент на инженери) за потребите на извозно ориентираните компании; Формирање на централно тело за јавни набавки; Формирање на посебна Туристичка инспекција или полиција.

Пецаков ги повикува пратениците од владеачкото мнозинство да ги поддржат нивните амандмани и да покажат дека искрено работат и се грижат за потребите на граѓаните. Во спротивно, вели тој, власта ќе докаже дека воопшто не ги интересираат потребите на граѓаните туку само нивните теснопартиски интереси и бизниси.



Спонзорирани линкови

Маркетинг