Мицкоски: Имам информација дека овој викенд се распарчува Македонија во Софија

Макфакс

28/11/2020

15:08

3.445

Големина на фонт

а а а

Заев станува изолиран со тесна клика на платеници и клиентелисти и во лична битка за задржување на фотелјата, наместо во битка за спасување на државата, рече денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на протестот во Скопје на кој беше побарана оставка на премиерот Зоран Заев.

„Сето она што го кажа во интервјуто за бугарскиот медиум, ретуширање на историјата, откажување од слободарското антифашистичко наследство, од правото на македонско малцинство, од нашите херои, се работи на кои претходно предупредив дека Зоран Заев кога бил опозиционер ги ветил на соседна Софија. Но тогаш како и секогаш претходно кога предупредував на ова, на големите порази кои ги навестуваше Заев, тие одговараа дека тоа не било ништо друго освен во главата на вмровците“, кажа Мицкоски.

Според него, јавноста сега има доволно искуство за да не дозволи репризи на предавствата.

„Денес навестувам дека Зоран Заев подготвува национален пораз, но од секој од нас зависи дали тоа ќе го промениме. Јас како човек и поединец можам да направам многу работи, но сите заедно, сплотени еден до друг можеме да направиме сè. И за оваа битка драги пријатели потребен е народ. Младо и старо, машко и женско треба да се одважи и да се спротивстави“, порача претседатлот на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека ова се деновите кога народот треба да излезе и да го каже звојот став.

Според него, ако македонската држава се откаже од партизаните, ќе се откаже и од Илинденците, а со тоа и од столетната борба за слобода.

„Не смееме да молчиме за асимилацијата пред нашите очи. Затоа да не дозволиме Заев да ја менува историјата, туку тој да стане историја. Така ќе ја спасиме и нашата историја и нашето достоинство и само така ќе успееме да обезбедиме иднина. Оставката е неминовна“, порача Мицкоски додавајќи дека денешниот протест е на народот против лошите политики кои носат лош живот и урнисано достоинство.

Овој наш протест овде денес е повеќе од партиски, овој наш протест е на народот против лошите политики кои носат лош живот и урнисано достоинство. Заедно заедно ќе победиме, рече на денешниот протест пред владата, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„И четвртата работа до македонскиот народ и до македонската нација, до Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите, Бошњаците, Еѓипјаните, до сите наши сограѓани, излезете браќа и сестри и помогнете и на Македонија. Имам информација дека овој викенд се распарчува Македонија во Софија и се преговара за иднината на нашиот идентитет, да не дозволиме и од утре внимателно да ја блокираме Македонија секој нареден ден и да не дозволиме овие луѓе да ни ја продадат верата, нацијата и кожата, тие одамна си го продале својот ген на ѓаволот“, истакна Мицкоски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг