Филипче испрати инспекциски надзор во ГОБ „8 Септември“ после гласините дека пациент со Ковид-19 не бил примен поради возраста

Точка

23/11/2020

15:11

2.986

Големина на фонт

а а а

Инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) утринава извршиле вонреден инспекциски надзор во ГОБ „8 Септември“ откако на социјалните мрежи се појави информација дека наводно пациент заразен со коронавирус, кој требало да биде хоспитализиран во болницата, не бил примен поради неговата возраст.

Како што потврди министерот Венко Филипче, по извршениот инспекциски надзор утринава, од Државниот санитарен и здравствен инспекторат го информирале дека моментално во ГОБ „8 Септември“ во Скопје од 107 лежечки пациенти, 38 се на возраст од 68 до 88 години.

Министерот ннагласи дека хоспитализацијата никако не зависи од возраста и порача дека пациент заразен со коронавирус, не може да биде вратен, туку може само да биде препратен во друга клиника доколку во првата нема слободен кревет.

„Пациент не може да биде вратен, единствено може да биде препратен во друг ковид центар доколку во ГОБ „8 Септември“ нема слободен кревет, а додека пациентот чека да биде пренесен во друга болница, му се прават потребните анализи и со амбулантно возило се носи во ковид центарот каде има слободен кревет за да биде хоспитализиран. Хоспитализацијата на пациентите во ниту еден случај не зависи од нивната возраст. Секој пациент, без разлика колку години е, има подеднакво право на болничка нега и третман“, напиша министерот за здравство на својот „Фејсбук“ профил.



Спонзорирани линкови

Маркетинг