Во текот на вчерашната конференција на која беше претставено возилото Mini Vision Urbanaut, Баварците покажаа како нивните дизајнери ја замислуваат иднината.
Притоа, главниот акцент не е ставен на надворешноста на возилото, туку на внатрешноста која повеќе наликува на некаква удобна дневна соба, отколку на класичен автомобил.
Кај Mini Vision Urbanaut седиштата можат да се прилагодат така што, наместо предни и задни седишта, можете да добиете удобни фотељи или софа. Како што може да се види на фотографиите, може да се заклучи дека станува збор за прилично долго возило со паметно искористен простор, со оглед на тоа што дизајнерите успеале да направат мини дневна соба на должина од 4,46 метри.
Треба да се нагласи дека сепак станува збор за концепт каков што веројатно уште долго време нема да се појави на патиштата. Замислен е како целосно автономно возило со електричен мотор, а возачот доколку сака може да преземе целосна контрола.