Повеќе илјади демонстранти од цела Полска се собрале вчера во Варшава, на најголемиот протест во земјата против одлуката на Уставниот суд за речиси целосна забрана на абортусот.
И покрај строгите правила кои ограничуваат собирање на повеќе од пет лица во текот на пандемијата на коронавирусот, демонстрантите минале низ централните улици на Варшава носејќи црни чадори, симбол на протестот за право на абортус и транспаренти на кои пишувало, меѓу другото, "Бог е жена".
На улиците имало воена полиција, некои во опрема за разбивање на демонстрации, пренесува "AP". Поставени се бариери во близина на парламентот и во други делови на престолнината.
Јавниот обвинител најавил дека ќе поднесе кривични пријави против организаторите на протестите поради "предизвикување на епидемиолошки закани", за што е предвидена казна затвор и до осум години.
Клементина Сушанов, една од организаторките на протестите, рекла дека истите се организирани поради слободата и достоинството на луѓето.
Десетина активисти од минатата седмица, кога Уставниот суд ја донел одлуката, се собирале во градовите ширум земјата, пренесува "Reuters".
Лидерката на движењето, Марта Лемпарт, им рекла на активистите да пријават било каков напад над нив и да се спротивстават на гонење или казнување поради учество на протестите.
"Не правиме ништо лошо протестирајќи на улиците", рекла таа на прес-конференција.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки на почетокот на неделата рекол дека собирите би можеле да помогнат во ширењето на коронавирусот.
Минатата недела владата забранила собири на повеќе од пет луѓе, наведувајќи дека тоа е дел од мерките против ширењето на вирусот.
Ако стапи на сила одлуката на Уставниот суд донесена минатиот четврток, дека абортус во случај на вродени оштетувања на фетусот е неуставен, што било и најчеста причина за легален абортус, во Полска жените ќе можат да абортираат само во случај на силување, инцест или кога постои закана по здравјето на мајката.
Католичката црква соопштила дека, иако се противи на абортусот, не ја поттикнала владата или судот да ги донесат законите.
Таа ги повикала луѓето да преговараат и да се воздржат од насилства.
Католичката група за борба против абортусот, Ордо Иурис, ја повторила својата поддршка на одлуката на Уставниот суд.