Во земјотресот во Грција и Турција загинале најмалку 26 лица, повредени повеќе од 800

Точка

31/10/2020

09:03

2.144

Големина на фонт

а а а

Во силниот земјотрес кој вчера го погодил егејскиот брег на Турција и источниот грчки остров Самос, загинале најмалку 26 луѓе, а повредени се повеќе од 800.

Екипите за спасување се пробиваат низ бетонските блокови на срушените згради во потрага по преживеани во Измир, трет град по големина во Турција, кој е најмногу погоден во земјотресот, известува "AP". 

По првиот, најсилен потрес од седум степени, уследиле стотина помали, од кои најмалку 16 биле посилни од 4 степени, а подрачјето било погодено и од мини-цунамија.

Најмалку 24 лица загинале во Измир, вклучувајќи и една постара жена која се удавила, соопштила турската служба за вонредни ситуации.

На Самос двајца тинејџери загинале кога на нив паднал ѕид, а повредени биле 20-тина луѓе. Двајца се повредени, од кои едно 14-годишно дете, се префрлени во Атина, а седуммина се хоспитализирани на островот, соопштиле локалните власти.

Малото цунами кое го погодило брегот ги поплавило улиците во Самос. Властите ги предупредиле граѓаните да се тргнат од брегот и зградите кои би можеле да се урнат.

Епицентарот на земјотресот, кој според Институтот Кандили бил со јачина од 6.9 степени, бил во Егејското море северно од Самос.

Тресење на земјиштето почувствувале и граѓаните на источните грчки острови, се до Атина и Бугарија. Во Турција, се тресел регионот од Егејското до Мраморното море, а градоначалникот на Истанбул соопштил дека, иако го почувствувале земјотресот, немало материјална штета во градот.

Повеќе од 3.000 спасувачи се пратени во Измир. Турската "Црвена полумесечина" организирала кујни кои на луѓето ќе им обезбедат храна.

Во знак на солидарност, која била ретка последните месеци поради тензичните билатерални односи, службеници од двете земји си размениле пораки за поддршка, а претседателите на Грција и Турција разговарале по телефон.




Спонзорирани линкови

Маркетинг