Караџовски: Ако продолжи непочитувањето на мерките ќе има по 1.000 заразени дневно

Точка

16/10/2020

12:55

3.141

Големина на фонт

а а а

Прогласување на вонредна состојба и полициски час не е приоритет, за да не дојде во прашање работата на компаниите и луѓето да останат без работа, вели д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје и претседател на Комисијата за заразни болести.

Д-р Караџовски порача до граѓаните да ги почитуваат мерките, бидејќи ако се преполнат болничките капацитети ќе се доведат во прашање ресурсите за лекување. "Ако самите не си помогнеме, не може да ни помогнат ни 500 доктори, ни 500 медицински сестри ни 20 болници", додаде Караџовски. 

Според докторот, забавите, евентите, свеченостите, со сето непочитување на мерките, неносењето на маски и недржењето на растојание, како и немиењето на раце, се причина за зголемениот број на новозаразени во есенскиот бран.

"Групирањата и непочитување на мерките се причина за растот на заболени. Очигледно, во периодот што е зад нас тоа не се почитуваше и тоа е факт. Дел од овие мерки се додадени за да нема групирање, бидејќи некои луѓе одат во локали да се групираат, каде што има музика и одат да танцуваат. Јас не сум видел концерт каде што народ танцува, вриска, а носи маски", рече Караџовски.

"Желбата на младите да бидат видени на собиранки си го даде резултатот. Тие се најбројни заразени во есенскиот бран", додаде тој.

"Бараме помош од сите, од медиумите, од политичките партии и широкото население. Зголемувањето на бројките ќе не одведе до преполнување на болничките капацитети. Не по 200, 300 на ден, може да имаме и по 1.000 новозаразени ако не почитуваме", порача докторот.




Спонзорирани линкови

Маркетинг