Путин, Трамп и Макрон објавија заеднички став за судирот во Нагорно-Карабах

Макфакс

01/10/2020

15:19

1.885

Големина на фонт

а а а

Претседателите на Русија, САД и Франција усвоија заедничка изјава за состојбата во Нагорно-Карабах.

Владимир Путин, Доналд Трамп и Емануел Макрон повикаа на итен прекин на борбите во Нагорно-Карабах. Претседателите ги повикаа Азербејџан и Ерменија да ги продолжат преговорите за Нагорно-Карабах, без предуслови.

„Претседателот на Руската Федерација, претседателот на Соединетите Американски Држави и претседателот на Република Франција, кои ги претставуваат државите копретседавачи на Минската група на ОБСЕ, остро ја осудуваат ескалацијата на насилството на линијата на разграничување во зоната на Нагорно-Карабах“, се вели во соопштението кое го пренесува агенцијата „Спутник“.

„Ги повикуваме лидерите на Ерменија и Азербејџан со добра волја да ги преземат своите обврски веднаш и без поставување предуслови за продолжување на преговорите за решавање на ситуацијата, со помош на копретседавачите на Минската групата на ОБСЕ“, се вели во соопштението на лидерите на земјите кои копретседаваат со оваа група.

Претседателите на Русија, САД и Франција исто така сметаат дека борбите во Нагорно-Карабах треба веднаш да се запрат.

„Повикуваме на итен прекин на непријателствата меѓу вооружените сили“, се вели во заедничкото соопштение.

Во изјавата се додава дека претседателите жалат за жртвите и изразуваат сочувство до семејствата на загинатите и ранетите.

Ситуацијата во Нагорно-Карабах ескалираше минатата недела. Баку и Ереван меѓусебно се обвинуваат за избувнувањето на конфликтот. Во Ерменија е прогласена воена состојба и општа мобилизација. Во Азербејџан е воведен полициски час и делумна мобилизација.

Двете земји беа дел од Советскиот Сојуз пред тој да се распадне во 1991 година. Тие веќе четири децении се во конфликт околу регионот Нагорно-Карабах, кој е меѓународно признат како дел од Азербејџан, но е под контрола на Ерменците.



Спонзорирани линкови

Маркетинг