Евертон игра феноменално на почетокот на новата сезона и под водство на Карло Анчелоти кој потпомогнат со новите засилувања израмни клупски рекорд стар 82 години.
Евертон синоќа прикажа доминантна партија против Вест Хем кого го совлада со убедливи 4:1 во осминафиналето од англискиот Лига куп.
Ова беше шеста последователна победа за Евертон во новата сезона со што го израмнија рекордот од сезоната 1938/39 кога исто така започнаа со шест победи и на крајот станаа шампиони на Англија.
Анчелоти склопи навистина одличен тим кој според првично прикажаното би можел да се бори и за највисоките места на табелата во Премиер лигата.
Најголемо влијание италијанскиот стратег имаше врз младиот напаѓач, Доминик Калверт- Луин кој во оваа сезона веќе има осум погодоци зад своето име. Во клубот перфектно се вклопија Алан, Дукуре и Хамес Родригез, а тука се и стандардните Ричарлисон и Пикфорд на голот.
Во следното коло во Премиер лигата Евертон го дочекува тимот на Брајтон, па ќе има можност да ја продолжи победничката серија, а со тоа да постави и нов клупски рекорд.