Првиот бран ги покоси, но сега имаат далеку помал број на новозаразени од соседите: Дали Италијанците ја научија лекцијата?

Точка

01/10/2020

10:59

1.769

Големина на фонт

а а а

Италија беше првата европска земја во која изби епидемија на коронавирусот и оваа земја долго време беше жариште на континентот. Но, во последниот период во оваа земја има значително помал број на новозаразени од, на пример, Франција и Шпанија.

Во последните две седмици Италија забележа околу 38 нови случаи на 100 илјади жители, во споредба со 330 во Шпанија, 230 во Франција и 108 во Велика Британија.

Медицинските лица велат дека Италијанците се преплашени откако го доживеаа врвот на кризата минатата пролет и сега се значително повнимателни. Меѓутоа, пред Италија и цела Европа следува тежок период во текот на зимата.

„Сите ги паметат сцените со ковчезите. Луѓето многу ги погоди тоа и сега едноставно станаа многу подисциплинирани“, изјави Глорија Талиани, професорка по инфективни болести на Универзитетот Ла Сапиенца во Рим.

За прв пат по крајот на првиот пик на епидемијата, болниците ширум земјата повторно се отвораат, а порастот на новозаразени се чини дека засега е избегнат.

Регионот Ломбардија со 9 илјади новозаразени останува најтешко погоден дел од земјата, а забележан е и благ пораст на нови случаи на југот. Италија најверојатно ќе ја продолжи вонредната состојба со цел да се сопре ширењето на заразата. Актуелната вонредна состојба трае до средината на октомври, а до тогаш регионалната и централната влада имаат поголеми овластувања.

На почетокот на оваа година Италија ја имаше една од најголемите стапки на инфекции во Европа, но успеа ситуацијата да ја стави под контрола со воведување на строги блокади.

Италија регистрираше над 314 илјади заразени и над 35 илјади починати како последица на вирусот, но сепак овие бројки се помали од оние во Шпанија (758 илјади) и Франција (550 илјади).



Спонзорирани линкови

Маркетинг