Азербејџан: Воените операции ќе траат додека Ерменија не се повлече од окупираните територии

Макфакс

30/09/2020

19:17

1.835

Големина на фонт

а а а

Азербејџан ќе ги продолжи своите воени операции сè додека Ерменија целосно не ги повлече своите сили од окупираните територии.

Ова денеска го рече постојаниот претставник на Азербејџан во ОБСЕ за време на вонредниот состанок на Постојаниот совет на таа организација.

„Баку се надева дека Минската група на ОБСЕ конечно ќе ја разбере сериозноста на намерите на Азербејџан и дека ќе побара целосно и безусловно повлекување на ерменските вооружени сили од окупираните територии. Дотогаш, Азербејџан ќе ги продолжи своите легитимни воени операции“, рече претставникот.

Тој смета дека решавањето на конфликтот е можно само врз основа на норми и принципи на меѓународното право и во меѓународно признатите граници на Азербејџан, со целосно почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на републиката.

Во меѓувреме, тамошните власти соопштија дека најмалку едно лице загинало, а три се повредени кога ерменските сили отвориле оган во јужниот азербејџански град Горадиз.

Ситуацијата во Нагорно-Карабах ескалираше на 27 септември, кога започнаа борбите на спорната територија. И Азербејџан и Ерменија прогласија воена состојба и воведоа мобилизација.

Двете земји беа дел од Советскиот Сојуз пред тој да се распадне во 1991 година. Тие веќе четири децении се во конфликт околу регионот Нагорно-Карабах, кој е меѓународно признат како дел од Азербејџан, но е под контрола на Ерменците.



Спонзорирани линкови

Маркетинг