Османи и потпретседателката на Европската Комисија разговараа за Конференцијата за иднината на Европа

Макфакс

29/09/2020

15:26

763

Големина на фонт

а а а

Во рамките на дводневна интензивна агенда, министерот за надворешни работи Бујар Османи оствари средба со потпретседателката на Европската Унија одговорна за демократија и демографија, Дубравка Шуица.

За време на средбата се разговараше за текот на подготовките на Конференцијата за иднината на Европа и вклучувањето на земјите од Западен Балкан, како и за политиките на младите и спречувањето на одлив на квалификуван кадар во високо развиени земјите.

Потпретседателката Шуица го запозна Османи со плановите за Конференција за иднината на Европа што е еден од приоритетните проекти на Европската комисија кој треба да даде придонес за развојот на политиките на ЕУ на среден и долг рок со цел подобро да се одговори на предизвиците со кои ЕУ се соочува. Оваа конференција ќе претставува платформа која треба да ги поврзе европските граѓани, цивилното општество и европските институции со цел заеднички дискусии каква ЕУ сакаат европските граѓани и како да се управува со неа. Конференцијата за иднината на Европа ќе биде нов форум за отворена, инклузивна и транспарентна дебата.

Заеднички беше заклучено дека политиките на проширувањето на Унијата треба да продолжи паралелно со дискусиите за иднината на Европската унија и нејзините внатрешни реформи.

„Учеството на земјите од Западен Балкан на Конференцијата за иднината на Европа ќе биде заедничка придобивка и дополнително ќе ги зголеми напорите за градење политичка волја меѓу земјите-членки во напредокот со проширувањето кон Западен Балкан”, нагласи Османи.

Министерот Османи ја запозна соговорничката со актуелна ЕУ агенда на земјата, како и мерките што ги презема Владата на Република Северна Македонија за подобрување на животните и работните услови со цел подобрување на социо-економскиот живот на земјата.

На оваа средба и претходеа средби на Османи со Андреас Шидер, претседавач со Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, Илхан Ќучук, известителот за Северна Македонија во Европскиот Парламент како и со Андреј Ковачев, потпретседател на ЕНП.



Спонзорирани линкови

Маркетинг