Познатиот српски актер, Милош Биковиќ, ни крив ни должен, е вовлечен во судирот меѓу Ерменија и Азербејџан во Нагорно-Карабах. Имено, турскиот сајт "derindusunce.org" на својот профил на Твитер објавил фотографија од Биковиќ во униформа со бизарен статус: "Платеникот со српско потекло Алекс Џуриќ забележан во Ерменија...Вагнер не е далеку".
Некој ја искористил фотографијата од Биковиќ настаната на сетот додека го снимал филмот "Кошара" па го вовлекол актерот, но и Србија во овој конфликт.
Иако многумина твитерџии од Србија се вклучиле во дискусијата и се обиделе да објаснат дека станува збор за актер, а не војник или платеник, "Derindusunce" не ја признава својата грешка, па објавата не е повлечена, пренесува српски "Telegraf".
По овој повод се огласил и самиот Биковиќ, кој ја ре-постирал фотографијата, и самиот збунет од ваквата објава на турскиот сајт.
Потсетуваме, тензиите во Нагорно-Карабах се зголемиле кога Ерменија во неделата соборила два хеликоптери и три дрона.
Имено, Ерменија првобитно ги обвинила соседите дека гранатирале цивилни положби, а судирите набрзо се разгореле и резултирале со убиства на цивили и војници на двете страни.
Односите меѓу двете некогашни советски републики се затегнати уште од 1991-ва година, кога ерменската војска го окупирала Нагорно-Карабах.
На конфликтот уште не му се гледа крајот, а донесени се четири резолуции од Советот за безбедност при Обединетите нации и две од Генералното собрание на ОН, во кои се бара итно повлекување на ерменските трупи од територијата на Азербејџан, која во главно ја населуваат Ерменци. Нагорно-Карабах еднострано се отцепил до Азербејџан, но не е меѓународно признат како држава.