По Нагорно-Карабах и Ерменија прогласи воена состојба, тензиите ескалираат

Макфакс

27/09/2020

13:27

1.968

Големина на фонт

а а а

Ерменските власти денеска прогласија воена состојба и општа мобилизација откако избувнаа нови судири во Нагорно-Карабах меѓу тамошните сепаратисти поддржани од Ереван и азербејџанските сили.

„Во Ерменија е прогласена воена состојба и општа мобилизација. Ги замолувам сите борбеноспособни граѓани да се појават во воените претставништва“, напиша ерменскиот премиер Никол Пашинјан на „Фејсбук“.

Тој исто така го повика населението да биде „подготвено да ја брани светата татковина“.

„Силно да ја поддржиме нашата држава, нашата армија… и ќе победиме. Да живее славната ерменска армија“, напиша премиерот.

Пред Ерменија и Нагорно-Карабах прогласи воена состојба и општа мобилизација на машкото население, објави претседателот на самопрогласената држава, Арајик Арутјунјан.

Ерменија и Азербејџан денеска започнаа нови судири околу регионот Нагорно-Карабах.

Тие веќе четири децении се во конфликт околу регионот, кој е меѓународно признат како дел од Азербејџан, но е под контрола на Ерменците.

Министерството за одбрана на Ерменија објави дека ерменските сили собориле два азербејџански хеликоптера и три беспилотни летала во Нагорно-Карабах.

Властите во Баку, пак, претходно објавија дека ерменските сили отвориле оган долж линијата на раздвојување и дека имало цивилни жртви.



Спонзорирани линкови

Маркетинг