Видео: Околу 40.000 ученици немаат компјутер, часовите ќе ги следат на телевизија

Макфакс

18/09/2020

13:55

3.531

Големина на фонт

а а а

Со час по информатика се презентираше првата Национална платформа за онлајн учење во оваа учебна година.

Премиерот Зоран Заев најави дека Националната платформа за онлајн учење ќе работи на пет јазици: македонски, албански, турски, српски и бошњачки.

„Ги потврдуваме цврстите заложби на оваа Влада за негување на соживотот и различноста во нашето општество“, рече премиерот Зоран Заев, напоменувајќи дека иднината е во дигитализацијата.

Министерката за образование, Мила Царовска верува дека оваа алатка ќе биде корисна за образовниот процес дури и по крајот на пандемијата.

„Целосно ги разбирам оние кои се загрижени како ќе ја поминеме училишната година. И самата сум родителка и тоа го чувствувам“, рече Царовска.

Според неа, платформата ќе биде практична и лесна за користење од страна на наставниците и учениците. Има 1600 наставници кои се училишни обучувачи за користење на платформата и тие понатаму ќе ги обучат сите останати наставници во училиштата.

„Платформата го доближува образованието на каналите кои тие секако често ги користат. Ученикот преку компјутер или телефон ќе може да ја гледа училницата и наставникот“, рече Царовска.

Учениците ќе можат да предложуваат измени на платформата. Националната платформа за учење од далечина е изработена во соработка со ФИНКИ и МОН, а Царовска упати благодарност и до МАСИТ.

Училиштата ќе отпечатат материјали за учење од дома за 40 илјади деца кои немаат техничка опрема за следење на онлајн наставата.

„Тоа е затекната состојба, која не може да се надмине во период од еден месец. За тие деца ќе имаме часови кои ќе бидат поставени на Националната телевизија, на каналите коишто се веќе обезбедени и преку нив тие ќе може да бидат изложени на информациите коишто треба да ги добијат во училиште“, рече министерката за образование Мила Царовска.

Тие деца исто така ќе бидат подложни на оценувањето во училиштата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг