Светле Јовановска за Точка: „Првпат ќе настапувам на Макфест, конечно ќе ме видите во друго светло“

Точка

17/09/2020

21:35

15.477

Големина на фонт

а а а

Светлана Јовановска - Светле е една од најквалитетните вокали на домашната сцена. После цели 16 години опстојување на нашата естрада, Светле ќе биде дебитант на овогодишниот Макфест, кој ќе се одржи на 19-ти, месецов. Пејачката ќе се претстави со песна од Ристо Самарџиев, кој инаку е познат по тоа што многу години наназад ги компонира токму победничките песни. Во продолжение ви носиме кратко 'увертира' интервју со Јовановска, два дена пред да се претстави на Макфест.

Долго време си присутна на македонската сцена, но, 35-то издание на Макфест за тебе ќе биде дебитантско. Како дојде до идеја за учество на фестивалот?

Да, навистина сум долго време присутна на македонската музичка сцена, скоро 16 години, што кога ќе помислам на тоа сфаќам дека не е воопшто наивно. Сепак, се работи за клупска сцена која за мене е природна средина и во која апсолутно уживам, но ете... После долго време почувствував дека е време и на ваков начин да ѝ се претставам на публиката, да пробам нешто ново. Макфест е традиција вредна за почит, идеално место каде публиката ќе ме доживее во поинакво светло.

Колку време се подготвуваше за Макфест и, воедно, дали имаш настапувано на други фестивали?

За Макфест се подготвував повеќе од еден месец. Инаку, од други фестивали би ги издвоила „Blues and Soul Festival“, „EXIT“, „Shpancirfest“...

Со оглед дека годинава ќе се пее на плејбек, веројатно и тремата е помала. Какви се твоите очекувања од фестивалот?

Навистина ми е жал што годинава ќе се пее на плејбек. Сметам дека секој изведувач треба да е апсолутно спремен да настапи во живо, впрочем тоа е еден од главните аспекти на нашата работа. Секако дека тоа го намалува факторот трема, но, што е - тука е. Ситуацијата за сите е поинаква оваа година за жал, подобро да се прилагодиме.

View this post on Instagram

A flower from a Flower. ? #southparktheband

A post shared by Svetlana (@svetlana_svetnala) on

Како автор на песната се потпишува Ристо Самарџиев, а сите знаеме дека многу негови песни досега биле токму победничките. Дали чувствуваш поголема одговорност поради тоа?

Секако. Јас Ристо Самарџиев го почитувам премногу, со неговата музика сум растела, неговите хитови се неизбежен дел од сечиј живот кај нас. Одговорноста е голема, но и песната е прекрасна, ќе слушнете.

Подготовките на девојките за музички настап траат од прилика колку компонирање на една песна. Каков е твојот избор за настапот на Макфест?

Едноставен, елегантен, но се надевам доволно впечатлив и незаборавен.

View this post on Instagram

?

A post shared by Svetlana (@svetlana_svetnala) on

Листата на изведувачи за овогодишниот Макфест ѝ е позната на јавноста, а ти долги години си на сцената и ги знаеш речиси сите музичари. Дали со некој од нив приватно се дружиш, и дали можеби веќе имаш фаворит?

Да, секако дека познавам добар дел од нив, некои од нив ми се пријатели... Нокаут, Полина, Олгица се само дел од имињата. Се радувам што ќе се дружиме повторно и им посакувам добар настап секако. 


Автор: Цеце Николова



Спонзорирани линкови

Маркетинг